• петок, 22 ноември 2024

Спасовски: Наскоро ќе има резултати од истрагата за лажните најави за бомби

Спасовски: Наскоро ќе има резултати од истрагата за лажните најави за бомби
Скопје, 19 ноември 2022 (МИА) - Наскоро ќе има резултати од истрагата за лажните најави за бомби,кои создаваат немир во јавноста веќе подолго време, а кои започнаа со автобусите на ЈСП, а продолжија со средните училишта, најави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
- Како што кажав и пред некој ден, ние сме сосема на крај со обезбедување на сите материјали и потврди за да имаме реализација и во овој дел, рече Спасовски во вчерашното гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21, додавајќи дека анализите за причините се во повеќе правци, од геостратешки, преку политички до економски, односно водени од бизнис интереси. Според Спасовски, со оглед на фактот што целта на ваквите хибридни напади е да се предизвика вознемиреност, недоверба во институциите, страв и паника, не смее да се шпекулира, туку треба да се почека да се добијат сите информации, со потврдени факти и докази. Во однос на наодите од истрагата, како што соопштуваат од МВР, Спасовски објаснил дека станува збор најчесто за VPN адреси, а кога ќе се завршат сите проверки и ќе се утврдат фактите, ќе бидат идентификувани и сторителите, но и објавени мерките што против нив ќе се преземат.- Во истрагата соработувавме со сите наши партнери, со Интерпол, со Европол, сите механизми кои помагаат во истражниот процес. Сигурно е дека постои мотив, а на крај ќе видиме и кој точно бил мотивот, посочил Спасовски. Тој во интервјуто се осврна и на опремата и средствата за работа на полициските службеници. Потенцираше дека сите реформи, реновирања на објекти, нови униформи и подобрувања на условите за работа во полицијата освен што се важни за ефикасноста на полициските службеници, се важни и за граѓаните подеднакво.- Ефикасноста на полициските службеници зависи од условите во кои работат, со каква опрема работат и каков е нивниот статус. Паралелно работевме на сите овие аспекти во подобрувањето на условите за работа. Ако имаме задоволни полициски службеници, имаме и задоволни граѓани од услугите кои ги дава полицијата и чувството на безбедност кај секој граѓанин, рече Спасовски.Спасовски изјави дека ова раководство на МВР наследило ситуација со нереновирани објекти, одредени објекти стари дури 80 години и одлуката при преземањето на мандатот била унапредувањата на условите за работа да се подигне на стратешко ниво со имплементирани мерки за енергетска ефикасност и заштита на животната средина.- Работевме на зголемување на платите, на исплата на бонус плати кои претходно се добиваа на суд, работевме на купување на опрема, реконструкција и изградба на нови објекти, нови системи во МВР, се со цел за унапредување на работата на полициските службеници за да имаме поголема ефикасност и подигање на нивото на безбедноста на сите граѓани во државата, рече Спасовски. фф/мч/

Остани поврзан