• петок, 03 април 2026

Спасовски за „Политика“: Северна Македонија мисли глобално - само дијалогот носи резултати

Спасовски за „Политика“: Северна Македонија мисли глобално - само дијалогот носи резултати

Скопје, 30 ноември 2023 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во денешниот број на белградска „Политика“, на тема Самитот на ОБСЕ чиј претседавач е земјава, истакнува дека Северна Македонија мисли глобално, уверена дека само дијалогот носи резултати.

Спасовски зборува за важноста, односно историското значење на 30.Министерски совет на ОБСЕ, како платформа за дијалог меѓу земјите учеснички, а во контекст на глобалните геополитички збиднувања.

-Северна Македонија мисли глобално, уверена дека само дијалогот носи резултати; кога ќе седнеме на иста маса, тоа значи дека сме подготвени да разговараме за сите прашања, дури и ако конверзацијата не донесе брзи резултати. Сите треба да ги имаме глобалните предизвици во својот фокус „нема тука мали и големи луѓе, народи или држави, се вели во изјавата на Спасовски, што ја пренесува Министерството за внатрешни работи.

Белградска „Политика“ го обработува политичкиот контекст на 30. Министерски совет на ОБСЕ и неговото значење за иднината на оваа најголема регионална безбедносна организација. Преку предзнакот „историски“, опфатен е и сегментот околу организираните мерки и активности со цел безбедно и непречено одржување на овој досега највисок собир кој се одржува кај нас, кои се во надлежност на Министерството за внатрешни работи. Во текстот се наведува дека во главниот град на Република Северна Македонија во сила се исклучителните мерки од трет степен на безбедност поради собирот на кој се најавени околу 70 делегации со околу 1 000 учесници. ра/лв/

Фото: МВР

Остани поврзан