• четврток, 27 февруари 2025

Со циркуларна економија до почиста и поздрава животна средина

Со циркуларна економија до почиста и поздрава животна средина

27 февруари 2025

Циркуларната економија, која во последно време станува се поактуелна тема во јавноста, игра клучна улога во зачувувањето на чиста животна средина и води кон поквалитетен живот, бидејќи правилното управување со отпадот може да ја заштити животната средина и да даде огромни придобивки од нејзината примена во секојдневниот живот.

Ова е заклучокот од денешниот завршен настан на серијалот обуки на проектот на Европското движење „ЕКОУЧИЛИШТЕ: ДА УЧИМЕ ЗА ЦИРКУЛАРНА ЕКОНОМИЈА ЗА ПОЧИСТА И ПОЗДРАВА ЖИВОТНА СРЕДИНА!“ поддржан од Општина Аеродром, а финансиран од страна на ЕУ во рамките на проектот „Clean AirDrom – Нула цврст отпад во Општина Аеродром“.

Проектот опфати експертски обуки за екологија наменети за наставниците по биологија и граѓанско образование и осмоодделенците од четири основни училишта во Општина Аеродром: „Браќа Миладиновци“, „Димитар Македонски“, „Гоце Делчев“ и „Љубен Лапе“. Притоа, тие учеа како најдобро да се управува отпадот, како да се најдат начини за негово соодветно складирање, кои се најефикасните и најсигурни методи за негово фрлање, односно како правилното менаџирање на отпадот може да ја заштити животната средина.

Наставниците и учениците на обуката преку интерактивен начин се запознаа подетално со различните категории отпад, начинот на негово складирање, како и моменталната состојба со отпадот во државава. Во таа насока секое училиште изработи различен проект за примена и промоција на циркуларната економија.

Награда за најинвентивен проект освои екипата на ООУ „Браќа Миладиновци“, додека в. д. градоначалникот Дејан Митески им додели признанија на сите учесници и им порача дека Општина Аеродром и во иднина безрезервно ќе ги поддржува „сите активности за подигнување на свеста за значењето на отпадот, за неговото правилно управување и за зачувувањето на животната средина во која живееме“.

На крајот, претседателката на Европското движење, Милева Ѓуровска, изрази надеж дека овој модел ќе стане движечка сила за еколошки промени, бидејќи како што заклучи, „циркуларната економија не значи само рециклирање, туку целосно нов начин на размислување“. 

Европско движење во Република Македонија

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан