• понеделник, 23 декември 2024

Со хеликоптер на МВР извлечен починатиот планинар кај Титов Врв

Со хеликоптер на МВР извлечен починатиот планинар кај Титов Врв
Скопје, 9 ноември 2022 (МИА) - Преку ЦУК-Тетово во СВР Тетово вчера во 17 часот и 30 минути, Ф.Н.(24) од Куманово пријавил дека движејќи се со уште едно лице, негов пријател, кон Титов Врв, околу половина километар пред да се искачат, другото лице паднало од карпа во бездна и се повредило, но дека поради непристапниот терен и маглата Ф.Н. не можел да види за какви повреди станува збор и практично да му помогне. Набргу по пријавувањето, соопштија денеска од МВР, била организирана спасувачка потрага по двете лица во која учествувале екипи на МВР, ЦУК, СВР Тетово, ТППЕ Тетово и други лица, кои со специјални теренски возила и хеликоптер се упатиле на посоченото место. - По извесно време спасувачките екипи го пронашле Ф.Н. и го пренеле во тетовската Клиничка болница за укажување на лекарска помош, a двајца припадници на МВР се повредиле во акцијата. Второто лице денеска (9 ноември) претпладне беше пронајдено починато и со хеликоптер на МВР беше извлечено од местото каде паднало вчера, се појаснува во соопштението. Јавен обвинител и екипа од СВР Тетово извршија увид и се расчистува и документира случајот. Претходно, Центарот за управување со кризи (ЦУК) официјално потврди дека почина планинарот, по кој се трагаше од синоќа откако беше пријавено дека паднал од карпа во реонот кај Титов Врв. Планинарот, пак, кој побара извести  за несреќата е пренесен во болница заедно со началникот на СВР Тетово, кој исто така се здобил со телесни повреди. При спасувањето со повреди се здобил и старешина од ЕБР, кој се вклучил во акцијата доброволно со уште еден алпинист покрај спасувачките тимови. Директорот на Центарот за управување кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов, кој беше на местото на несреќата, преку видео изјава, информира дека вчера околу 17 часот на бројот 112 во ЦУК стигнала пријава од едно лице кое пријавило дека заедно со својот пријател планинар планинареле меѓу врвот Бакрдан и Титов Врв. Притоа лицата не успеале, како што рече, благовремено да се симнат од ова подрачје, се изгубиле поради настапувањето на ноќта и побарале помош. Од ЦУК веднаш се известени МВР, ДЗС, Итната медицинска помош и Територијалната противпожарна единица од Тетово. Потоа полициски екипи и тим на пожарникари се упатиле на местото на несреќата. -Половина час подоцна повторно се јавило истото лице и пријавило дека второто лице на кое му се слошило, паднало, се лизнало во некоја бездна за која немаше информации да пријави колкава е, изјави Ангелов. Додаде дека се работи за бездна која е длабока повеќе од 600-700 метри. Образложи дека од МВР поради сериозноста на ситуацијата, дополнително се ангажирани специјалците од Единицата за брзо распоредување (ЕБР). Ангелов појасни дека местото на кое дошле специјалците и другите полицајци, како и пожарникарите било со снег, кој бил замрзнат и било, како што рече, исклучително лизгаво. -Малку подоцна на ова место самоиницијативно доаѓа и директорот на НП „Шар Планина“, Ибрахим, како и еден извонреден алпинист Надир, еден од нашите најдобри алпинисти со искуство во спасување. На ова место припадниците на ЕБР се обиделе да лоцираат каде се наоѓа повреденото лице, кое пропаднало во провалијата. Притоа старешината од ЕБР се упатил во оваа насока, од каде можел да има преглед, иако било ноќ, сепак имало полна месечина и имало одредена видливост. Но, движејќи се кон горната страна од каде можел добро да погледне, се лизнал и летнал во провалијата, изјави Ангелов. Додаде дека потоа лицето пропаѓало повеќе од 600-700 метри и завршил во провалијата. Припадниците на ЕБР цело време довикувале и се обидувале да го добијат и првото првото лице кое паднало во провалијата и нивниот старешина. Подоцна старешината од ЕБР, кој бил изнемоштен, се јавил преку радио врска и кажал дека не знае каде се наоѓа, има повреди и оти е во сосотојба во која може да контактира. Ангелов нагласи дека се работи за исклучително стрмно место, а Ибрахим и Надир се обиделе да пуштат јажиња за да можат сите заедно да се спуштат до местото и да ги најдат двете повредени лица. Јажињата не биле доволно долги. -Надир одлучил сам со алпинистичка опрема да се спушти до подножјето на оваа провалија. Веднаш потоа се упатил со натчовечка храброст, во еден херојски чин низ оваа провалија и движејќи се надолу прво налетал на лицето кое прво паднало. Лицето било без свест, имало видливи повреди. Алпинистот Надир не можел да го почувствува пулсот, но во тоа време слушнал како довикува старешината од ЕБР и се упатил кон него, кој бил во непосредна близина, а не можел да го открие гласот. Ја забележал сијаличката од неговата радиостаница и потоа успел да дојде до него, изјави Ангелов. Старешината можел да комуницира, немал скршеници на рацете и нозете, можел да стане, а Надир му помагал во движењето и се упатиле кон Горна Лешница. Ангелов додаде дека за тоа време се упатиле и други тимови од специјалците од ЕБР.  - Првото лице кое се повредило, се наоѓало погоре, на исклучително стрмно место, била донесена одлука да се извлече неколку часа подоцна, откако ќе се раздени со помош на хеликоптер. Припадниците на ЕБР успеале да го пресретнат Надир некаде над бачилото, Горна Лешница и да му помогнат на повредениот старешина да отидат до возилата кои биле веднаш до бачилото, каде чекале двајца доктори, а полицаецот е однесен до најблиската медицинска установа, во свесна состојба и во состојба да може да комуницира, додаде Ангелов. Ангелов вели дека заедно со тим од ЦУК пристигнале на местото за подобро да ја координираат акцијата за извлекување на второто настрадано лице. Образложи дека поради маглата во Скопје, хеликоптерите не можеле да полетаат на првото разденување и морале да почекаат да се крене маглата. -Во лоцирањето на повреденото лице, повторно помогна алпинистот херој Надир, хеликоптерот слетал во негова близина, специјалците од ЕБР го качија лицето во хеликоптер, кое не давало знаци на живот, но е однесено во Тетово каде го пречекала екипа на Итната медицинска помош, која констатирала смрт, изјави Ангелов. Изрази благодарност до сите кои се вклучиле во оваа, како што рече, комплексна спасувачка акција. Напомена дека и началникот на СВР Тетово се лизнал набрзо по старешината од ЕБР,  но се задржал за некоја од карпите и е во добра здарвствена состојба. цр/лв/

Остани поврзан