• понеделник, 23 декември 2024

Со сослушување сведоци продолжува судењето за „Титаник“

Со сослушување сведоци продолжува судењето за „Титаник“
Скопје, 16 декември 2020 (МИА) - Со сослушување на сведоци предложени од обвинителството денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжува судењето за изборни нерегуларности „Титаник“. Првиот сведок Дејан Златески од Скопје, кој бил член на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека имал донирано околу 20 илјади денари, преку уплатница во банка, но не се сеќава точно кога. Прашан од обвинителот Гаврил Бубески дали некогаш извршил донација од 60 илјади денари, сведокот рече не, додека на вкрстено прашање од адвокат Сања Алексиќ, дали во истражна постапка бил повикан и давал исказ во ЈО на истите околности, сведокот рече да. Прашан дали во СЈО му биле предложени уплатници, меѓу која и на износ од 60 илјади денари за која кажал дека е негов потпис и дека тој ја уплатил, сведокот рече да, но дека потписот не бил негов. Откако му беше предочен неговиот исказ пред СЈО, каде вели дека е негов потписот на уплатницата од 60 илјади денари и дека однел пари во банка да ја уплати, на прашање од одбраната кој исказ е точен, сведокот рече дека е точно тоа што го кажал на денешното рочиште. На денешното рочиште треба да бидат сослушани уште шест сведоци. Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска. Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.аа/бт/

Тагови

Остани поврзан