• петок, 05 декември 2025

Со проекција на „Евангелие според Матеј“ во Кинотеката отворен Филозофскиот филмски фестивал

Со проекција на „Евангелие според Матеј“ во Кинотеката отворен Филозофскиот филмски фестивал

Скопје, 23 мај 2025 (МИА) - Во Кинотеката е отворен 15. јубилеен Филозофски филмски фестивал. На отворањето синоќа се одржа проекцијата на „Евангелие според Матеј“ (1964) од италијанскиот режисер Пјер Паоло Пазолини (1922-1975).

Проекцијата беше дел од ревијалната програма на Фестивалот, но воедно и последен филм од ретроспективата Пазолини што во изминатиот период Фестивалот ја организираше со поддршка на Амбасадата на Италија во Скопје во чест на 50 години од смртта на филмскиот великан.

Програмскиот директор, Ѓорѓи Пулевски на отворањето истакна дека фестивалот не е само културен настан, туку е една постојана потрага – потрага по смисла, по форма, по вистини кои не се секогаш пријатни, но се неопходни. 

-Филозофскиот филмски фестивал, кој веќе 15 години живее меѓу нас, не е само културен настан. Тој е една постојана потрага – потрага по смисла, по форма, по вистини кои не се секогаш пријатни, но се неопходни. Неопходно провокативни, полемични и поетични. Поддршката на Филозофскиот филмски фестивал е поддршка на критичката мисла, на естетската храброст и на културниот интегритет. Но, исто така, ова е и момент да потсетиме: не смееме да заборавиме на потребата да ги поддржиме и другите филмски фестивали во нашата земја – секој со
својата специфичност, со својот тон и својата публика – затоа што тие се столбови на еден поширок културен екосистем што сè уште го градиме, чекор по чекор, рече Пулевски.

Амбасадорот на Република Италија во Скопје, Паоло Палминтери, во своето обраќање посочи дека филмот во вечерашната програма претставува еден од највисоките и најамбициозните остварувања на уметничката кариера на Пазолини, како и неговото најценето кинематографско дело во Италија.

Како што е најавено, викендов Фестивалот продолжува со проекции во два термина.  Вториот фестивалски ден започнува со проекција во 18:00 часот, и е посветен на Официјалната селекција на краткометражни филмови. Ќе се проектираат осум од петнаесет филмови во селекцијата и тоа - „Зора секој ден“ [2024] од Амир Јусеф / Amir Youssef, „Ново“ [2024] од Жења Казанкина / Zhenia Kazankina, „Човекот кој не можеше да молчи“ [2024] од Небојша Слијепчевиќ / Nebojsa Slijepčević, „Бродоломци“ [2024] од Андреа Сааведра де ла Теха / Andrea Saavedra de la Tejа, „Лошо на момент“ [2024] од Даниел Соариш / Daniel Soares, „Свенати цутови“ [2024] од Лајонел Сиа / Lionel Seah, „Услуги“ [2024] од Агнес Сконаре / Agnes Skonare, „Нашата сенка“ [2024] од Агустина Санчес Гавиер / Agustina Sánchez Gavier.

Во втората вечерна проекција од 21:00 часот ќе се отвори Официјалната селекција на долгометражни филмови со проекцијата на „Последен здив“ од познатиот француски режисер, Коста-Гаврас / Costa-Gavras. Преку спонтан филозофски дијалог докторот Огистен Масе и писателот Фабрис Тусан водат расправа за животот и смртта, при која доаѓа до соочување со сопствените стравови и егзистенцијални тегоби.

Ова е филм за искреноста и ранливоста. Палијативната грижа повеќе е фокусирана на смртта, отколку на оздравувањето. Доктор Огистен тоа одлично го знае, па на своите пациенти им нуди грижа наместо лек, достоинство наместо надеж, сегашност наместо иднина, хуманост наместо инвазивни медицински процедури.

Целосната програма на фестивалот е достапна на следниот линк.бт/са/

Фото: Филозофски филмски фестивал

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан