• понеделник, 23 декември 2024

Со проектот „Струмица паметен вело град“ ќе се решава урбаната мобилност и употреба на велосипедот

Со проектот „Струмица паметен вело град“ ќе се решава урбаната мобилност и употреба на велосипедот
Струмица, 17 јануари 2022 (МИА) - Со проект од ЕУ во висина од 750 илјади евра Општина Струмица ќе станува паметен вело-град. Велосипедска патека во должина од околу 13 километри, која ќе се гради по петте булевари и ќе зафати дел од паркинг просторите, ќе почне да се изведува оваа година. Според градоначалникот Костадин Костадинов, овој проект содржи иновативно и ефективно решение за проблемите на урбаната мобилност со поттикнување на употребата на велосипедот како здрав, еколошки и економичeн начин на мобилност. -Проектот содржи многу активности за изградба и обележување на градски велосипедски патеки како надоградба на постојната сообраќајна инфраструктура во должина од 13 километри, набавка на опрема за нивно одржување, развој на портфолио на дигитални услуги, кампања за поттикнување на користењето на велосипеди и за промена на сообраќајната култура и други активности чија што цел е создавање на одржлив и паметен вело град, информираше Костадинов. Тој најавува дека реализирањето на овој проект ќе се одвива во соработка со сите велосипедски клубови од Струмица. -Ќе дојдат, ќе ја видат велосипедската патека, да направат неколку проби на локациите за кои сметаме дека би предизвикале некаков проблем во сообраќајот и нормално да го реализираме проектот. Ова е голема придобивка за Струмица, бидејќи ќе бидеме единствена општина која системски ќе ја обезбеди велосипедската патека, односно воведува нов вид на сообраќај согласно сите меѓународни стандарди, додаде градоначалникот Костадинов. Потенцираше дека досегашните субвенции кои ги дава Општината за купување нов велосипед ќе продолжат и во наредниот период, но со проектот е планирно и набавка на 150 велосипеди со паметни системи. -Граѓаните ќе имаат можност преку дигитална апликација да ги изнајмуваат велосипедите кои ќе имаат локатори и со посебни возила поставените велосипеди ќе се преземаат од една точка и ќе се носат на точките каде ќе се изнајмуваат. Станува збор за навистина комплексен проект од 800 страници каде до детал се е разработено, појасни Костадинов. Проектот е поделен во три фази и годинава фокусот ќе биде поставување на велосипедска инфраструтктура, која е приоритетна, а целосното завршување е планирано да заврши во 2024 година. рт/сст/

Остани поврзан