• понеделник, 23 декември 2024

Со премиера на „Црна дупка“ и изложба на театарски фотографии Струмичкиот тетар ќе одбележи 75 години од постоењето

Со премиера на „Црна дупка“ и изложба на театарски фотографии Струмичкиот тетар ќе одбележи 75 години од постоењето

Струмица, 18 април 2024 (МИА) - Со премиера на претставата „Црна дупка“ од Горан Стефановски и изложба на театарски фотографии од Сречко Гунчев, Народниот театар „Антон Панов“ од Струмица ќе одбележи 75 години од постоењето.

На денешната прес - конференција режисерот Љупчо Ѓоргиевски и актерската екипа говореа за претставата, која од нејзиното објавување во осумдесеттите години на минатиот век по четврти пат се поставува на сцена на професионален театар.

Како што истакна режисерот, претставата е истражување на тоа што како изведбен потенцијал го содржи текстот на Горан, на можностите што ги нуди неговата необична и зачудна драматуршка структура. Затоа, кога се разговарало што да се избере за јубилејот, тој ја предложил пиесата на Стефановски.

-Се определивме за „Црна дупка“ бидејќи на некоја начин сметам дека е многу актуелна во овој момент за состојбата во која се наоѓаме.Кога велиме „Црна дупка“ не се однесува на термин од нашата галаксија и универзумот како појава, туку се однесува на една црна дупка во нашето живеење.Во таа смисла оваа пиеса спаѓа во постмодернистичиот период на Горан Стефановски, по „Диво месо“, по „Лет во место“ и други и бара еден поинаков пристап, рече режисерот Ѓоргиевски.

Актерот Васил Михаил, кој ја толкува улогата на Силјан, смета дека претставата е многу модерна, современа и пулсира со денешницата.

-Овој текст од наша гледна точка не е воопшто лесен за поставување и затоа малку е поставуван на сцените на професионалните театри во државата. Беше предизвик да се работи овој текст и се надевам дека публиката ќе го прифати и претставата ќе комуницира со неа, рече Михаил.

Во преставата освен Васил Михаил, настапуваат Танкица Стојанова, Анкица Бенинова, Јасмина Вучкова, Кире Ѓоргиев, Елисавета Бончева, Коста Ангов, Ангелина Тренчева-Ангелова, Јулија Милкова, Стојан Велков-Трн, Илија Младенов и Теодора Арсов. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите на Андреј Ѓоргиевски, а композитор е Сашко Костов.

За вечер е закажана предпремиерата, а премирата ќе се одржи утревечер, кога ќе биде отворена и изложбата на театарски фотографии со наслов „75 години НТ „Антон Панов“.рт/цр

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан