• четврток, 14 ноември 2024

Со Отворен ден во куќата на Рацин, во Велес почнаа 60. јубилејни  Рацинови средби

Со Отворен ден во куќата на Рацин, во Велес почнаа 60. јубилејни  Рацинови средби

Велес, 9 јуни 2023 (МИА) - Со Отворен ден во Спомен -куќата на Коста Солев Рацин денеска во Велес почна програмата од 60-те јубилејни Рацинови средби. Бројни ученици беа во посета и можеа изворно да видат предмети и документи  од животот на поетот и револуционер Коста Солев Рацин.

Најмногу се интересираа за грнчарското колце, за неговата машина за пишување, неговата соба, каде седел, каде пишувал до доцна во ноќта .Освен од велешките училишта и од Велешко, Спомен-куќата организирано со своите професори во текот на целиот ден  ја посетија  и ученици од приватното училиште „Нова“ од Скопје.

Спомен-куќата е отворена, а влезот е бесплатен за сите посетители до вечерва до 22 часот.

Александра Андреева од Општина Велес изјави дека нема подобро место во Велес како неговата родна куќа, каде живеел и творел Рацин и  од неговото родно  огниште да започнат годинашните јубилејни 60-ти  Рацинови средби.

Ангел Коруновски, директор на Народниот музеј, кој е организатор на првиот ден од средбите, потенцира дека денеска сме на гости кај Рацин. Идеја која, како што рече, одлично кореспондира со учениците кои се присутни во неговата Спомен-куќа.

-Рацин е Балканска Лорка икона на градот со која се гордееме, потенцира Коруновски.

Тој појасни дека освен што можат да ги видат собите на куќата на Солеви, предмети на Рацин и документи, посетителите имаат и можност да слушаат и аудио стихови од Рацин во изведба на актерите Сандра Станчевска и Кире Ацевски.

Во Спомен-куќата на Коста Солев Рацин вечер во 19 часот премиерно ќе биде прикажан видео материјалот што го изработи Народната библиотека „Гоце Делчев“ од Велес, во кој е прикажаното неговото творештво.

Рациновите средби со богата програма ќе траат до 15 јуни, кога на свеченото затворање вечерта  ќе бидат врачени Рациновото и Почесното Рациново признание за 2023 година. ад/мд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан