• петок, 05 декември 2025

Со низа активности Црвен Крст од Охрид ќе ги одбележува Светскиот ден и неделата на борба против СИДА

Со низа активности Црвен Крст од Охрид ќе ги одбележува Светскиот ден и неделата на борба против СИДА

Охрид, 1 декември 2025 (МИА) – Со низа активности Општинската организација на Црвениот Крст од Охрид ќе ги одбележи 1 Декември – Светскиот ден на борба против СИДА и Неделата на борба против СИДА што се одбележува од 1 до 7 декември.

Оваа година светската кампања за болеста и ризиците се одржува под мотото „Едуцирај се, превенирај ХИВ/СИДА“, со акцент на значењето и важноста од едукацијата и превенцијата во борба против СИДА-та.  Овој ден претставува заедничка борба, не само медицинска туку и општествена, во која секој сегмент има клучна улога.

Со цел подигање на нивото на свеста во јавноста за СИДА и изразување поддршка на оние кои живеат со ХИВ, Црвен Крст - Охрид ќе реализира низа активности.

Волонтерите на Црвениот Крст денеска на граѓаните, минувачите, посетителите низ охридските улици, кафулиња и јавни собиралишта ќе им ставаат црвени панделки како универзален симбол за свеста дека СИДА-та постои и како поддршка за оние кои живеат со СИДА. Ќе се дели и едукативен материјал, кондоми и совети за превенција и заштита од ХИВ/СИДА.

Во основните и средните училишта дистрибуирани се типизирани предавања со цел учениците, во текот на Неделата на борба против СИДА да се запознаат со основните знаења за ХИВ вирусот, начин на пренесување и заштита.

Во текот на Неделата на борба против СИДА планирани се интерактивни едукативни предавања и работилници со младите врснички едукатори во просториите на Црвен крст Охрид и во училиштата.

Активностите организирани по повод Светскиот ден и Неделата на борба против СИДА имаат за цел да го свртат вниманието на јавноста за значењето на превенцијата и раното откривање на инфекцијата со ХИВ вирусот.

И оваа година активностите во кампањата на Црвен крст Охрид за борба против ХИВ/СИДА се поддржани од Canadian for Children at Health Risk од Канада.

ХИВ  е вирус кој предизвикува хумана имунодефициенција. Присуството на ХИВ ирусот во човечкиот организам доведува до уништување на одбранбената способност (имунитетот), поради што организмот станува неспособен да се брани од различни болести и инфекции. Според Светската здравствена организација (СЗО) во Европскиот регион на СЗО, 2 милиони луѓе се болни од ХИВ/СИДА, а во светски рамки бројот на инфицирани од ХИВ/СИДА е 37 милиони возрасни и деца. аб/вј/

Фото: Плакат

 

Остани поврзан