• петок, 22 ноември 2024

Со контроли ќе се спречува за злоупотреба на водата за пиење во Струга и струшко

Со контроли ќе се спречува за злоупотреба на водата за пиење во Струга и струшко

Струга, 19 јуни 2024 (МИА) - Екипи на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ и претставници од месните заедници од струшките села, од понедленик на терен ќе контролираат злоупотреби на вода од градскиот водовод. Тоа било договорено на денешната средба на директорот на JП „Водовод и канализација“ Дашмир Насуфи со раководителите на месните заедници од најпогодените населени места со злоупотреба на водата за пиење.

Издашноста на изворите, од каде се снабдува со вода Струга и неколку населени места, според Насуфи, била намалена поради високите температури и сушната зима, па затоа мора преветнивно да делуваат.

- Издашноста на изворите е намалена, па поради тоа мораме да превенираме. Доколку има потреба ќе бидат воведени и рестрикции на водата за пиење во ноќните часови, вели директорот на ЈП „Водовод и канализација“.

Тој посочи дека месното население ќе биде известено за предвиденото контролирање и очекува резултати, следејќи го иксуството од минатите години.

- Целта е да се обезбеди вода за пиење во текот на летната сезона, каде поради високите температури состојбата со водоснабдувањето може да биде проблематична. Екипите ќе излегуваат на терен рано наутро и навечер, периоди кога водата се користи за наводнување на бавчи и дворови, а контроли ќе има и во текот на целиот ден, изјави Насуфи за МИА.

Ги повика граѓаните на рационално користење на водата за пиење и да не се злоупотребува со што ќе се намалат проблемите со водоснабдувањето во текот на летната сезона.

Корисниците кои ја злоупотребуваат водата за пиење, додаде, најпрво ќе бидат писмено предупредени, а во случај на повторување на прекршокот, согласно Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води ќе бидат казнети до 3.000 евра и исклучување од водоводна мрежа. сс/сст/

Фото: ЈП „Водовод и канализација“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан