• петок, 22 ноември 2024

Со Бадникова поворка и прослава одбележан Бадник во Крива Паланка

Со Бадникова поворка и прослава одбележан Бадник во Крива Паланка

Крива Паланка, 6 јануари 2024 (МИА) - Со масовно учество на дечињата, над двесте и педесет момчиња и девојчиња- коледарчиња, се одржа "Бадниковата поворка 2024" во Крива Паланка, со што отпочна чествувањето на Бадник во организација на општината.

Поворката тргна од плоштадот "Карпошово Востание" пред зградата на локалната самоуправа, од каде реката коледарчиња се слеа низ централната градска улица, сѐ до плоштадот кадешто стотици граѓани ги дочекаа.

Присутните проследија мал концерт Бадникови и божиќни песни, во изведба на хорот коледарчиња, под водство на професорката по музичко, Лариса Жулина - Митовски.

Нешто попладне, продолжи главната Бадникова прослава, во соработка со свештенослужителите од Кумановско-осоговската епархија, Кривопаланечко архиерејско намесништво, со осветување на лепчињата подготвени од годинашниот кум, Даниел Анѓеловски.

Анѓеловски честиташе на одличната организација на чествување на овој голем христијански празник, честитајќи ги Бадник и Божиќ на присутните сограѓани и ги даруваше градоначалникот Митовски, како и кумата за следната година.

Најсреќна меѓу пријавените за кум на прославата следната година беше Милица Николиќ, којашто посака здравје и бериќет за сите.

Присутните ги поздрави претседателката на Советот на Општина Крива Паланка, Изабела Павловска, која рече дека поубава празнична атмосфера не може да постои од онаа што ја приредија дечињата - коледарчиња.

-Посакувам здравје, добра мисла, споделување радост и хармонија во сечиј дом, мир и соживот. Секогаш да ве следат среќа, бериќет и да имате благосостојба во животот, секој ден од годината, рече Павловска.

Бадниковите поворки и прославата ги организираа локалната самоуправа на Општина Крива Паланка и институциите од областа на културата, Национална установа Центар за култура и ЛУ Градски музеј Крива Паланка.

Она што исто така го одбележа денот беше  хуманитарниот штанд на посна Бадникова софра во организација на средношколците од СОУ "Ѓорче Петров", присутните граѓани купуваа и донираа средства наменети за матурантите од гимназијата кои се од семејства во социјален ризик.

Утревечер, во 18 часот, на градскиот плоштад во Крива Паланка ќе се одржи Божиќен концерт на Трио џентлмен. ид/аа/

Фото: Општина Крива Паланка 

Остани поврзан