Сојузот на филателистите го заврши проектот за издавање спомен-пликови на 66 народни херои од државата
- Сојузот на филателистите на Македонија објави дека на 9 мај - Денот на победата над фашизмот, го заврши филателистичко-историскиот проект „Народните херои од Народноослободителната борба 1941-1945 од Македонија“. Целта на проектот е да се остави во наследство за следните генерации споменот на делото на сите 66 народни херои од државата преку соодветен филателистички материјал.
Скопје, 11 мај 2025 (МИА) - Сојузот на филателистите на Македонија објави дека на 9 мај - Денот на победата над фашизмот, го заврши филателистичко-историскиот проект „Народните херои од Народноослободителната борба 1941-1945 од Македонија“. Целта на проектот е да се остави во наследство за следните генерации споменот на делото на сите 66 народни херои од државата преку соодветен филателистички материјал.
Проектот е поддржан од Сојузот на борците на Македонија, а започнал во 2021 година кога беа издадени седум спомен-пликови со стилизирани ликови на седум народни херои.
-Пликовите и разгледниците во ограничен тираж се проследени со специјален пригоден печат и поштенска марка, најчесто јубилејна или со мотив од родното место на херојот. Ликовите на хероите се дела на наши ликовни уметници, а почнувајќи од 2022 година автор е Зоран Кардула. Во изминатите четири години се одржаа повеќе промоции на овие изданија во родните места на хероите. Оваа колекција, изготвена според меѓународни филателистички правила, ќе биде претставена во спомен-брошура, соопштија од Сојузот на филателистите.
Одбележувањето на 80-годишнината од победата над фашизмот оваа година се совпадна и со 75-годишнината од основањето на Сојузот на филателистите на Македонија. По овој повод, изготвено е соодветно лого на Сојузот, а Македонската пошта ќе изработи јубилеен печат.
-Во текот на изминатите повеќе од седум децении, македонските филателисти ја претставуваа Република Северна Македонија и со свои збирки учествуваа на балкански, европски и светски филателистички изложби и настани, за што беа и повеќекратно наградувани, соопштија од Сојузот на филателистите. бт/aa/
Фото: МИА Архива