Сотировски - Каланѕис: Нашата прва средба да придонесе кон идна успешна соработка
- Директорот на Комисијата за односи со верските заедници Даријан Сотировски денеска одржа онлајн средба со својот грчки колега Џорџ Каланѕис, генералниот секретар за религиски работи при Мини
Скопје, 8 март 2021 (МИА) - Директорот на Комисијата за односи со верските заедници Даријан Сотировски денеска одржа онлајн средба со својот грчки колега Џорџ Каланѕис, генералниот секретар за религиски работи при Министерството за образование и религиски работи на Хеленската Република.
Тоа е прва македонско-грчка средба на одговорните државни функционери за религиски работи од двете држави.
Средбата, како што информираа од Комисијата за односи со верски заедици, била одлична можност за меѓусебно запознавање, презентирање на работниот процес на двете институции и главните цели во 2021 година, во која се уште сите се соочуваме со глобалната пандемиска криза.
Сотировски истакнал дека треба да развиваме соработка на повеќе прашања од заемен интерес, како соседни држави, кои се соочуваат со слични регионални предизвици.
- Верата, верските традиции и вредности на нашите граѓани се мотив и можност за унапредување на соработката која може да придонесе до јакнење на меѓусебната доверба, посочил тој.
Каланѕис истакнал дека ја поздравува отвореноста за соработка и дека Грција е силен поддржувач на сите развојни процеси во нашата држава.
На средбата се размениле мислења по повеќе актуелни прашања во двете држави, како и регионот.
- Соговорниците првата средба ја оценија како мошне позитивна и полезна, изразувајќи очекување истата да придонесе кон идна широка соработка, како меѓу државите, така и меѓу верските заедници од двете држави, додадоа од Комисијата за односи со верски заедници.см/скс/