• петок, 10 јануари 2025

Состанок на Меџити и Касами за инфраструктурни проекти во Тетово

Состанок на Меџити и Касами за инфраструктурни проекти во Тетово

Тетово, 9 јануари 2025 (МИА) – Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, одржа состанок со вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити посветен на клучните прашања поврзани со урбаниот развој и заштитата на животната средина. Двајцата потоа беа на увид на булевар „Видое Смилевски Бато“, каде што се извршуваат градежни работи за продолжување на сообраќајната делница.

- Ова е завршување на булеварот „Видое Смилевски-Бато“ кон Порој, се работи за еден сегмент од 640 метри, подземна инфраструктура, осветлување, зеленило, сега се сите реализирани. Останува да ни послужат временските услови за да се заврши последниот елемент тампонирање и асфалтирање. Од таа точка ќе се продолжи во два крака, првиот ќе оди кон обиколницата од Требош накај Јажинце, а вториот крак ќе продолжи кон Порој, изјави Касами.

Министерот Меџити истакна дека на состанокот разговарале за степенот на реализација на проекти доделени за Тетово од страна на Владата и конкретно од неговото министерство за животна средина и просторно планирање.

- За дел од проектите, постапките се веќе започнати, а за дел се во тек. Несомнено овие проекти ќе обезбедат забрзан развој на Тетово како многу важна општина и ќе овозможат решавање на проблеми со кои се соочуваат граѓаните, за кои минатата власт немаше слух. Истите ќе влијаат во развојот на образованието, економијата, патната и подземната инфраструктура, спречување на загадување на воздухот, ќе ја подобри социоекономската состојба на граѓаните. Касами досега работеше со блокирана сметка најуспешно. Може да се замисли како ќе работи со поддршка од Владата, изјави Меџити.

Министерство за животна средина и просторно планирање во буџетот 2025 година има обезбедени средства за реконструкција на водоводна мрежа во Порој од 25 милиони денари, заштитна ограда на река Пена 9 милиони денари, а со средства од ЕИБ во текот на годината се очекува почеток на реконструкција на доводен цевковод за водоснабдување на градот Тетово со вредност од 64 милиони денари. ас/хс/

Фото:  МИА 

Остани поврзан