• понеделник, 23 декември 2024

Состанок на гувернерката на Народната банка Ангеловска-Бежоска со директорот на Одделот за Европа на ММФ Камер

Состанок на гувернерката на Народната банка Ангеловска-Бежоска со директорот на Одделот за Европа на ММФ Камер
Скопје, 17 април 2021 (МИА) - Прашањето за финансиската стабилност, како цврст столб на македонската економија, поткрепена со стабилен банкарски систем, како и значењето да се прави постојана процена на идните текови и очекувања кои произлегуваат од корона кризата, се дел од темите за кои се разговарало на состанокот со директорот на Одделот за Европа на ММФ, Алфред Камер и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерите Фадил Бајрами, Емилија Нацевска и Ана Митреска, во рамките на Пролетните средби на ММФ и Светската банка. Од Народната банка на Република Северна Македонија соопштија дека на состанокт учесниците констатирале дека пандемијата ја нагласи потребата од силни и независни централни банки што ќе овозможат поддршка при управувањето со кризата, во рамките на своите надлежности. На состанокот било нагласено дека особено важно е понатамошното унапредување на правната рамка за Народната банка, што ќе овозможи целосна независност, како предуслов за натамошно успешно остварување на нејзините цели.

-Посебно внимание му беше посветено и на прашањето за финансиската стабилност, што се покажа како цврст столб на македонската економија, поткрепена со стабилен банкарски систем. Со оглед на продолжената пандемија и зголемената неизвесност, беше нагласено дека од суштинско значење е да се прави постојана процена на идните текови и очекувања, при што мерките и одлуките за финансискиот сектор треба да бидат превентивни. Пример за тоа е последната одлука за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда, се наведува во соопштението на НБРСМ.

Од НБРСМ информираат дека во рамките на Пролетните средби на ММФ и Светската банка бил одржан состанок и со резидентната претставничка на ММФ за Западен Балкан, Стефани Ебле. бк/

Остани поврзан