• четврток, 26 март 2026

Соработка на македонски истражувачи и Заедничкиот истражувачки центар на ЕК, нови перспективи за развој на научните истражувања

Соработка на македонски истражувачи и  Заедничкиот истражувачки центар на ЕК, нови перспективи за развој на научните истражувања

Скопје, 12 јуни 2025 (МИА) -  Можностите за соработка помеѓу македонски истражувачи и истражувачката мрежа на Европската комисија во областите енергетска безбедност, одржливи материјали за изградба, паметна специјализација и индустријата 4.0., се во фокусот на Инфоденот за поддршка на научно-истражувачката дејност, што се одржува  денеска на Машинскиот факултет во Скопје. Новите перспективи за развој на научните истражувања  се очекува да помогнат на индустријата, а со тоа и на економијата. 

Како што изјави деканот на Машински факултет Златко Петрески, на Инфоденот се претставуваат партнерите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и на Машинскиот факултет -  Здружениот истражувачки центар на Европската комија, а можностите за истражувања кои тие ги пружаат на нашите докторанти, магистранти, постодокторски студии.. се огромни и непроценливо е нивното значење за нашата држава.

Според него, Инфоденот претставува значаен чекор напред во отворањето на македонското научно-истражувачко општество кон европските мрежи на знаење и иновации, а партнерството со Здружениот истражувачки центар на Европската комисија е повеќе од формално и создава можност за македонските истражувачи да пристапат до врвни ресурси, знаење и заеднички проекти од клучно значење за идниот развој на државата.

 -Веруваме дека токму преку вакви соработки можеме да изградиме мостови помеѓу академијата, индустријата и европските истражувачки институции. Темите кои денес ги отворивме, како што се енергетската безбедност со акцент на гасната инфраструктура, одржливите материјали за изградба на одржливи згради и инфраструктура, индустрија 4.0 и паметната специјализација, сите тие со својата актуелност и носат силни можности за трансформација на нашето општество. Машинскиот факултет ќе продолжи да биде двигател на научниот и технолошкиот напредок во Македонија, со јасна цел на создавање генерации на истражувачи кои ќе мислат глобално, ќе делуваат локално и ќе придонесуваат за европска и одржлива иднина во Македонија, рече проф. д-р Петрески.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска  се надева на плодна соработка со Заедничкиот истражувачки центар од која очекува државата да има исклучителна корист во иднина.

- Македонија ја надградува соработката со Заедничкиот истражувачки центар, која е од исклучителна важност за нашите истражувачи, нивниот престој во центарот, споделувања на знаења и искуства, особено од областа на паметна специјализација. Стратегијата за паметна специјализација е веќе донесена, направен е акцискиот план, и тоа е модел кој ќе ја помогне драстично економијата со помош на истражувањата во соработката со индустријата, рече Јаневска.

Министерството за образование и наука неодамна потпиша Рамковен договор за истражување со Здружениот истражувачки центар на Европската комисија, со што се отвораат нови перспективи за развој на научните истражувања во Македонија. 

Според министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, на државата и требаат истражувачи кои ќе се приклучат на европските програми, кои ќе донесат проекти, инвестиции и знаење дома.

- Се соочуваме со најголемите предизвици на нашето време: како да обезбедиме сигурна, достапна и чиста енергија? Како да го направиме рударството поодговорно, поефикасно, и технолошки напредно? Како да ги искористиме националните ресурси без да го загрозиме природното наследство?Одговорите нема да дојдат од кабинетите. Ќе дојдат од лабораториите, од теренот, од соработката помеѓу владините институции и научната заедница. Затоа сме денес тука – да кажеме јасно: науката не е додаток на енергетиката. Таа е двигател. Ја гледаме иднината во хидрогенот, во дигитализацијата на енергетските системи, во критичните минерали за батерии и паметни уреди, во напредните градежни материјали и во развојот на нови технологии за искористување на минералните ресурси. Но за да стигнеме таму – ни требаат истражувачи кои ќе се приклучат на европските програми, кои ќе донесат проекти, инвестиции и знаење дома. Македонија има квалитетни луѓе. Имаме знаење, имаме идеи, но долго време немавме доволно поддршка, платформи и структури што ќе го овозможат вистинскиот пробив. Затоа сме денес тука – да направиме пресврт, рече Божиновска.

На отворањето на настанот се обрати и премиерот Христијан Мицкоски истакнувајќи дека проектите од научно – истражувачката дејност во Македонија имаат поддршка од Владата. 

Мицкоски порача дека само со развој на науката може да се оди напред изразувајќи очекување дека проектот ќе помогне за развојот на индустријата, а со тоа и на економијата.

- Без силна наука, без силно образование, без силно високо образование, но и не само високо, образованието треба да биде силно уште од претшколска возраст, преку основното, средното, па и до високото. Не можеме да имаме силен раст на државата, не можеме да имаме раст на економијата, а со самото тоа понатаму и во другите сектори. Добро е што ќе има размена на научници. Добро е што наши научници ќе патуваат надвор, од надвор ќе доаѓаат научници кај нас. Со тоа се прави трансфер на знаење, се прави мрежа, се публикуваат научни трудови, се помага на индустријата. Тоа е многу важно да се каже дека сите овие научни достигнувања, коишто очекуваме да бидат резултат од овој проект, да помогнат на развојот на индустријата, со тоа и на економијата, рече Мицкоски.лв/вг/

фото: МИА/ Влада 

Остани поврзан