• петок, 05 декември 2025

Соработката меѓу Министерството за енергетика и ГИЗ продолжува, подготовки за Меѓународниот форум за енергија за одржлив развој

Соработката меѓу Министерството за енергетика и ГИЗ продолжува, подготовки за Меѓународниот форум за енергија за одржлив развој

Скопје, 28 јули 2025 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари работна средба со директорот на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) во нашата земја, Давид Оберхубер. Средбата беше фокусирана на зајакнување на тековната соработка меѓу Министерството и ГИЗ, со посебен акцент на подготовките за претстојниот 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој, што ќе се одржи од 28 до 30 октомври годинава во Скопје, под мотото „Од цели до акција: Напојување на иднината со одржлива енергија“, соопштија попладнево од надлежното министерство.

Настанот е организиран од Министерството за енергетика, рударство и и минерални суровини, во партнерство со Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) и петте регионални комисии на Обединетите Нации.

- ГИЗ, како долгорочен партнер на Македонија во областа на одржливиот развој и енергетиката, ја потврди својата подготвеност да даде активна поддршка на настанот - преку мобилизација на меѓународни и домашни експерти, како и учество во концептуализација и организација на тематски панел-дискусии. Во рамките на средбата, беше направен преглед на тековните проекти што се реализираат со поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка, особено во доменот на енергетската ефикасност. Двете страни изразија задоволство од досегашните резултати, што покажуваат конкретен напредок во унапредувањето на националните капацитети и подобрување на условите за поефикасно управување со енергетските ресурси, се истакнува во соопштението.

Покрај актуелните иницијативи, разговарано било и за идните правци на стратешка соработка.

- Притоа, беа разгледани можности за развој на нови заеднички проекти за 2026 година, што би се фокусирале на поддршка на процесот на енергетска транзиција, дигитализација на енергетскиот сектор, како и унапредување на институционалните капацитети преку техничка и експертска помош, се додава во соопштението.

Божиновска ја нагласила важноста на континуираната поддршка од страна на ГИЗ, оценувајќи ја оваа соработка како исклучително вредна за унапредување на одржливите и инклузивни политики во енергетскиот сектор.

- Таа додаде дека Министерството останува отворено за понатамошно продлабочување на партнерството, со цел обезбедување стабилна, зелена и иновативна енергетска иднина за граѓаните на Македонија, подвлекуваат од Министерството за енергетика, рударство и и минерални суровини. бд/дма/

Фото: Министерство за енергетика, рударство и и минерални суровини

 

 

Остани поврзан