• недела, 22 декември 2024

Никола Димитров промовираше невладина организација „Солуција“

Никола Димитров промовираше невладина организација „Солуција“

Скопје, 27 април 2023 (МИА) - Партиите мора да бидат натерани да бидат подобри. Надеж гледам во граѓанството кое што мора да биде гласно, мора да стане сила за да нема вака бришан простор за еднопартиско самоволие во државата, порачува поранешниот  вицепремиер за евроинтеграции и министер за надворешни работи Никола Димитров, кој вечерва ја промовираше невладината организација „Солуција“, преку конференција на тема „Излез од лавиринтот на корупцијата и клиентелизмот“.

Во изјавата што по настанот ја сподели тимот на „Солуција“, Димитров меѓу другото вели дека „сите заедно не здружува сонот за здрава, функционална и средена држава, како и дека е голема дилема дали некогаш нашата Македонија била во полоша ситуација“.

-Мислам дека ни треба една дебела јасна линија каде завршува државата, каде почнува партијата. Мислам дека ни треба нов општествен договор за да школството, и здравството, и администрацијата  не зависат од тоа кој ќе победи на избори, истакнува Димитров.

Тој посочува дека неговото разбирање за политиката не се само партиите или не се само избори, како и дека чувствува голема должност да биде дел од иницијативата која што ќе создаде граѓанска платформа што ќе турка кон мерит и кон професионализам.

Како што стои на официјалната фејсбук страна на „Солуција“,  мисијата на оваа невладина организација е посветена на справување со корупцијата, клиентелизмот и поларизацијата на општеството, унапредување на општествената дебата, облагородување на јавниот наратив и културата на дијалог; креирање и поддршка на конструктивни решенија во политиката, економијата, правдата, животната средина, надворешните работи, мирното решавање на меѓународните спорови; унапредување на демократијата, заштита на човековите слободи и права, почитување на достоинството на човекот и развој на либералните политики.лв/ар/

Остани поврзан