• понеделник, 23 декември 2024

Соларен саем за обновливи извори на енергија од 15 до 17 септември во Скопје

Соларен саем за обновливи извори на енергија од 15 до 17 септември во Скопје

Скопје, 7 септември 2023 (МИА) - Во организација на Македонската соларна асоцијација од 15 до 17 септември во Скопје Сити Мол ќе се одржи Соларен Саем, на кој ќе учествуваат повеќе од дваесетина компании. Посетителите ќе имаат можност да ги погледнат најновите технологии од соларниот сектор на 24 локации на приземјето на трговскиот центар. 

Како што најавуваат организаторите, на настанот ќе бидат присутни производители и трговци на соларна опрема како: фотоволтаични колектори, термални колектори, акумулаторски батерии, топлински пумпи, фото/термални колектори, громобранска заштита, системи за греење/ладење/вентилација, бакарен фитинг за термални системи, инвертори, соларни сушари, воздушни колектори, електрични велосипеди и електрични полначи, конструкции за монтажа на соларни колектори и соларни бојлери.

Посетителите ќе можат да учествуваат и на дискусии за користење на обновливи извори енергија за домаќинства и да слушнат препораки од граѓанските организации кои работат во овие сектори. При разгледувањето на соларната опрема граѓаните ќе можат да остварат непосредни средби и со претставници од банкарскиот сектор и со донатори и ќе добијат корисни препораки за различни опции за финансирање при избор на опрема.

За најчестите прашања од граѓаните, кои пристигнуваат на адреса на асоцијацијата како: „Која е правната регулатива, кога се инсталира фотонапонски систем?“; „Кои се чекорите за одржување на системот за негово одржување?“; „Каде може да пронајдеме субвенции?“... Солар Македонија подготви одговори во „Климатско нетурален прирачник“, кој, посетителите ќе можат да го погледнат на саемот преку скенирање на QR код.

Целта на саемот е да се намали влијанието на климатските промени преку примена на обновливи извори енергија.

-Ова би се постигнало преку сеопфатна едукација на населението. Зајакнувањето на капацитетите е можно со зголемување на јавната свест за инвестиција во сертифицирана опрема според европска регулатива. Многу често зборуваме за енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија, но ретко се прашуваме, кои сертификати и услови се неопходни при избор на најадекватниот систем. На овој саем граѓаните ќе можат да се едуцираат и информираат каква опрема се нуди кај нас, каде има субвенции, поволни кредитни линии за енергетска ефикасност и на лице место да погледнат во каква опрема би можеле да инвестираат, велат професор Илија Насов и машинскиот инженер Стефан Трајков од асоцијацијата Солар Македонија.

Раководителот на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени Жарко Конески вели дека целта е да ја подигнеме свеста за моќта која ја имаат граѓаните како потрошувачи за да влијаат на подобрување и заштита на животната средина, штедење на струја и наедно пари.

- Само така ќе се намалат последиците од климатските промени. На настанот ќе бидат присутни и граѓански организации кои работат во секторите животна средина, енергија и клима, па присутните ќе можат да се информираат повеќе и за нивните активности и кампањи, истакнува Конески.  

Македонската Соларна Асоцијација, „Солар Македонија“ е здружение со над 70 членки и претставува стручно, научно, образовно и невладино здружение, чија мисија е зајакнување на соработката помеѓу македонските компании во секторот за сончева енергија (производители, изведувачи, увозници, трговци), како и поврзување на експерти и научници oд сите научни гранки за промоција и поголема искористеност на обновливите извори на енергија. Здружението работи на повеќе нивоа во синџирот на добавување - од производство до сервис и одржување на сончевите енергетски системи, како и на промоција на сончевата енергија како одржливо решение за енергетските потреби. Дополнително е верифициран тренинг центар, кој издава валидни лиценци за монтажери признаени од Министерство за Образование и Центарот за образование на возрасни.

Саемот е финансиран во рамките на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ предводен од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест” и во соработка со „Македонското здружение на млади правници“ и „Организација за поврзување на природни вредности и луѓе” (CNVP). Целиот проект финансиски е поддржан од Владата на Кралството Шведска. ев/

 

Остани поврзан