Советот на ЕУ ги поддржа измените на Регулативата против дефорестација
- Советот на ЕУ денеска ја реафирмира својата поддршка на предложените измени на Регулативата против уништување на шумите, со кои се предвидува одложување на датумот на нејзината примена за 12 месеци, како „најдобар начин да се обезбеди правна сигурност за сите засегнати страни“.
Брисел, 20 ноември 2024 (МИА) - Советот на ЕУ денеска ја реафирмира својата поддршка на предложените измени на Регулативата против уништување на шумите, со кои се предвидува одложување на датумот на нејзината примена за 12 месеци, како „најдобар начин да се обезбеди правна сигурност за сите засегнати страни“.
Ова одложување, според Советот, ќе им овозможи на државите од ЕУ, земјите кои не се членки на Унијата и на компаниите да бидат целосно подготвени за исполнување на нивните обврски од Регулативата дека стоките што се продаваат на европскиот пазар или се извезуваат надвор од блокот се произведени без да биде уништена шумска површина. Оваа одредба првенствено се однесува на производи од дрво, какао, соја, палмино масло, кафе и гума.
Советот на ЕУ посочува дека измените нема суштински да влијаат на предвидените правила за минимизирање на придонесот на блокот во уништувањето и деградација на шумите ширум светот.
Регулативата против уништување на шумите стапи во сила од 29 јуни 2023 година и според сегашните нејзини одредби предвидените правила треба да почнат да се применуваат од 30 декември 2024 година.
За да стапат во сила на време, предложените измени треба да бидат одобрени и објавени во Службениот весник на ЕУ пред 30 декември 2024 година.
Претходно и европратениците дадоа поддршка на измените, па сега преостанува претставници на Советот на ЕУ и на Европскиот парламент да го усогласат и усвојат конечниот текст на Предлог-амандманите на Регулативата.
Инаку, измените во Европарламентот беа одобрени со поддршка на европратениците од Европската народна партија, десничарските политички групи и „одметници“ од либералната група „Да ја обновиме Европа“, кои не ги почитуваа препораките на раководството на либералите за одбивање на амандманите. сп/
Фото: МИА Архива