Советот на Европа изрази загриженост за несразмерната употреба на сила против демонстрантите во Турција
- „Со загриженост ги следам извештаите за непропорционална употреба на сила од страна на полицијата и широко распространетите ограничувања на правото на примање и пренесување информации во Турција поради демонстрациите во последните денови“, рече комесарот О'Флаерти во синоќешната изјава.

Стразбур, 25 март 2025 (МИА) - Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти, изрази загриженост поради несразмерната употреба на сила од страна на полицијата за време на протестите во Турција против затворањето на опозицискиот градоначалник на Истанбул и повика на почитување на човековите права, пренесоа француските медиуми.
„Со загриженост ги следам извештаите за непропорционална употреба на сила од страна на полицијата и широко распространетите ограничувања на правото на примање и пренесување информации во Турција поради демонстрациите во последните денови“, рече комесарот О'Флаерти во синоќешната изјава.
„Ги повикувам турските власти да ги почитуваат нивните обврски за човековите права, особено во однос на слободата на мирно собирање, слободата на говорот и слободата на печатот“, додаде тој.
Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, главен противник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, беше уапсен во средата, формално сменет од функцијата во неделата и затворен во Силиври, западно од Истанбул. Тој ги негира обвиненијата за корупција, нарекувајќи ги „егзекуција без судење“.
Водечката опозициска Народна републиканска партија организираше прелиминарни избори и официјално го номинираше Имамоглу за свој кандидат за следните претседателски избори, закажани за 2028 година.сд/
фото:МИА архива