• петок, 05 декември 2025

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ со критики за работењето на ЈКП „Брегалница“

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ со критики за работењето на ЈКП „Брегалница“

Делчево, 1 декември 2025 (МИА) - Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Делчево денеска информира дека гласале против усвојувањето на Годишниот извештај за работењето на ЈКП „Брегалница“ – Делчево за 2024 година, оценувајќи дека документот покажува „катастрофални состојби“ во повеќе сегменти од работењето на претпријатието.

Во нивната изјава истакнуваат дека извештајот е доставен со задоцнување од една година и дека, според нивната оценка, претпријатието е доведено „на раб на пропаст“ поради проблеми во техничко-кадровската екипираност, нормативно-правното функционирање и финансиско-материјалното работење.

Од советничката група додаваат дека новата локална власт ќе има сериозен предизвик во стабилизирањето на комуналниот систем и најавија дека ќе вршат постојан надзор врз работењето на ЈКП „Брегалница“ во рамки на нивните надлежности.

Паралелно со ова, Министерството за внатрешни работи соопшти дека Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднела кривична пријава против С.С. од Делчево, поранешен директор на ЈКП „Брегалница“. Тој се сомничи за кривичните дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „несовесно работење во службата“.

Според МВР, пријавениот во периодот од декември 2023 до април 2024 година не го испочитувал Колективниот договор за јавниот сектор и Законот за работни односи, при што на 76 вработени не им била исплатена законска надоплата од по 3.500 денари. Со тоа, како што наведува МВР, вработените биле оштетени за вкупно 266.000 денари.

Случајот е проследен до надлежното обвинителство за понатамошна постапка. Делчевското комунални претпријатие од пред два дена има нов директор. 

Инаку на функцијата вршител на должноста директор на претпријатието од саботата е назначена Марија Сумрачка, вработена во претпријатието која доаѓа на местото на досегашниот директор Стојче Стојковски. вс/дма/

 


Фото: МИА

Остани поврзан