• недела, 22 декември 2024

Собрани 84 единици крв во Крива Паланка, доделени и јубилејни признанија и плакети

Собрани 84 единици крв во Крива Паланка, доделени и јубилејни признанија и плакети

Крива Паланка, 21 март 2024 (МИА) - Крводарителството како чин, залагање, постапка, подадена рака, подарена крв од анонимен дарител за непознат болен е највисок израз на хуманоста, рече Дарко Пешовски, секретар на општинската организација на Црвен крст Крива Паланка по денешната успешно реализирана крводарителска акција, со што беше заокружено и одбележувањето на 17 Март - Ден на крводарителството и Ден на основање на Црвениот крст на Република Северна Македонија.

На денешната крводарителска акција во организација на ОО Црвен крст Крива Паланка и Институтот за трансфузиона медицина Скопје, собрани се 84 крвни единици.

-Нашата општинска организација повторно се вброи во најуспешните во државата за 2023 година со реализиран План за крводарителство со над 150 отсто, собрани се 968 единици крв од планирани 672. Навистина е задоволство да се види дека тоа што го правиме и трудот што го вложуваме се препознаени. Заслужни за тоа се сите хумани граѓани од Крива Паланка и Ранковце, кои со хуманиот чин на крводарување ни ги носат овие резултати. Во име на  организацијата на Црвениот крст им честитам и благодарам. Воедно ќе ја истакнам одличната соработка со општината и градоначалникот Сашко Митовски, заедно со Општина Крива Паланка партнерски реализираме повеќе проекти и услуги за грижа на ранливи категории лица, за највозрасните, стари и изнемоштени во нивните домови, преку „Нега Центар" и, секако, преку Дневен центар за стари лица со активно стареење, каде што имаме 40 корисници и интересот за користење на услугата е сѐ поголем, рече Пешовски.

Благодарници и значки за 5,10 и 25 дарувања крв беа доделени на свеченоста одржана синоќа, а исто така беа доделени јубилејни плакети, како и награди од општината на тројцата со реализирани 50 крводарувања што ги врачи градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Горан Петровски, Влатко Јакимовски и Тони Митовски добија јубилејни државни плакети за 50 крводарувања, а за долгогодишна поддршка и соработка ОО Црвен крст Крива Паланка им додели благодарници на: ООУ „Св.Јоаким Крчовски", ОВР ПС Крива Паланка, ТППЕ Ранковце и отец Дејан Апостоловски. ид/хс/

Фото: МИА

Остани поврзан