• понеделник, 23 декември 2024

Собраниски комисии на средба со претставници на УНФПА

Собраниски комисии на средба со претставници на УНФПА

Скопје, 28 декември 2023 (МИА) - Претставниците на Канцеларијата на Фондот за население на Обединети нации - УНФПА денеска одржаа работна средба со претседателите и членови на собраниските комисии, односно Комисијата за финансирање и буџет, Комисијата за труд и социјална политика, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Комисијата за економски прашања и Комисијата за локална самоуправа, на која беше презентирана Нацрт-верзијата на Стратегијата за демографски политики 2024 - 2044, од страна на проф. д-р Драган Тевдовски, известуваат од собраниската прес служба.

Претседателката на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Соња Мирковска, како што се појаснува во известувањето, вели дека оваа средба е на барање на УНПФА, а Министерството за труд и социјална политика е носител на Националната стратегија, но Собранието е клучен партнер во овој инклузивен процес кога станува збор за демографските политики.

Афродита Шаља, директорка на Канцеларијата на УНФПА изрази задоволство од присуството во Собранието, како што рече, до тие што се најблизу до народот –пратениците, а сè со цел интензивирање на соработката во однос на изработка на Националната стратегија.

Професорот Тевдовски во презентацијата ги истакна главните цели, важноста, инклузивниот процес на подготовката на Стратегијата, и рече дека целта е што поширока поддршка и вклученост на државните институции, универзитетите, МАНУ, невладините организации и меѓународните агенции.

Од Собранието информираат дека ова е трета Стратегија за демографски политики во земјава, но за прв пат за период од 20 години, со можност за ревидирање на секои 5 години, а разликата во однос на претходните е изработка на проекција на населението, од страна на ДЗС.

-Последниот попис на населението укажа на негативен природен прираст, намалување на наталитетот, надворешна емиграција, стареење на нацијата, процес кој не е само кај нас туку и во европските држави, големи демографски диспаритети и нерамномерна просторна распределеност, се пренесува од изјавата на Тевдовски.

Од Собранието исто така велат дека презентацијата на Тевдовски резултираше со контруктивна дискусија на пратениците во однос на презентираните цели на Стратегијата, од која произлегоа предлози за дополнување на Работната група и со Комисијата за образование и наука, координаторите на Пратеничките групи во Собранието, како и поширок и натпартиски консензус во однос на Стратегијата.сх/са/

Фото: Собрание на РСМ

Остани поврзан