Собраниска делегација на 151. Собрание на Интерпарламентарната унија во Женева
- Делегацијата на Собранието, предводена од Бобан Карапејовски, а во чиј состав се Ели Панова и Славјанка Петровска, како и генералната секретарка, Марина Димовска учествува на 151. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува од 19 до 23 октoмври во Женева, соопшти собраниската прес-служба.
Скопје, 22 октомври 2025 (МИА) - Делегацијата на Собранието, предводена од Бобан Карапејовски, а во чиј состав се Ели Панова и Славјанка Петровска, како и генералната секретарка, Марина Димовска учествува на 151. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува од 19 до 23 октoмври во Женева, соопшти собраниската прес-служба.
Во рамките на 151. Собрание на ИПУ се одржале седници на четирите комисии на ИПУ. Пратеничката Славјанка Петровска учествувала во работата на Комисија за мир и меѓународна безбедност, каде што се одржала стручна расправа на тема: „Улогата на парламентите во воспоставувањето на цврсти механизми за пост-конфликтно управување и во обновувањето на праведен и траен мир“.
Во своето обраќање Петровска го подвлекла значењето на парламентите во процесот на постконфликтна обнова, истакнувајќи дека завршувањето на војната претставува почеток на долготраен процес на градење доверба, владеење и правда.

-Петровска се осврна на искуството на Северна Македонија, која во 2001 година, благодарение на конструктивната улога на Собранието, го избра патот на дијалог и политичко решение. Како клучен пресврт во овој процес таа ги посочи Охридскиот рамковен договор и воведувањето на „Бадинтеровиот принцип“, кои овозможија инклузивно донесување одлуки и изградба на култура на консензус, вредности кои повеќе од две децении претставуваат темел на демократската стабилност во земјата, се наведува во соопштението.
Пратеничката Петровска го истакнала и значењето на реформите за правична застапеност на сите заедници, и воспоставувањето на Комитетот за односи меѓу заедниците, како превентивен механизам за решавање чувствителни прашања.
Петровска предложила во Предлог-Резолуцијата на следното 152. Собрание на ИПУ, да биде вклучена препорака за воспоставување механизми за инклузивно одлучување и платформи за интеретнички дијалог во парламентите, нагласувајќи дека искуството на земјава покажува како парламентарната посветеност може да изгради траен мир и стабилно општество.
На седницата на Комисијата за одржлив развој, на која се дискутираше за „Влијанието на глобалното затоплување: парламентарен повик за заштита на најранливите“, учествувала пратеничката Ели Панова.
Во своето излагање, таа нагласила дека последиците од глобалното затоплување дополнително ги продлабочуваат постоечките економски, социјални, географски и родови нееднаквости. Според неа, најсиромашните и најмаргинализираните заедници се изложени на најголем ризик од екстремните климатски појави.

Панова истакнала дека без решителни мерки, климатските промени можат да ја чинат нашата земја до 4 отсто од БДП до 2050 година. Таа информиралае дека во 2021 година, нашата земја го поднесе ревидираниот Национален утврден придонес (NDC), со кој се обврза на намалување на нето емисиите на стакленички гасови за 82 отсто до 2030 година во споредба со нивото од 1990 година, како и постигнување на нето нула емисии до 2050 година, што претставува една од најамбициозните цели во нашиот регион.
-Пратеничката Панова нагласи дека во Парламентот постои силна поддршка за дејствување на полето на климатските промени, со интегрирани политики кои ги земаат предвид ранливите категории во секторите земјоделство, вода, здравство и инфраструктура. Таа заклучи дека е неопходно да се промовираат амбициозни и инклузивни климатски политики, со цел да се заштитат најранливите категории на население, се наведува во соопштенито на собранската прес-служба.
Интерпарламентарната унија, се додава во соопштението, е светска организација на парламентите, во која членуваат 182 национални парламенти и 15 меѓународни парламентарни собранија. Основана во 1889 година, ИПУ е најстарата мултилатерална политичка организација и најголемата меѓупарламентарна асоцијација. Унијата работи на зачувување на мирот и промовирање позитивни демократски промени преку политички дијалог и конкретни активности. Светската организација на парламентите има седиште во Женева и тесно соработува со Организацијата на Обединетите нации и другите партнерски организации, чии цели ги споделува. ац/вј/
Фото: Собрание