• сабота, 21 декември 2024

Собраниската Комисија за политички систем ја заврши расправата за Предлог-законот за  реорганизација на органите на државната управа

Собраниската Комисија за политички систем ја заврши расправата за Предлог-законот за  реорганизација на органите на државната управа

Скопје, 7 јуни 2024 (МИА) - Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците вечерва ја заврши расправата за Предлог-законот за  реорганизација на органите на државната управа, по скратена постапка и тој е даден на натамошна постапка. За Собранието да го изгласа законот, потребно е двотретинско мнозинство. 

За Предлог-законот бил поднесен еден амандман од Левица, но тој беше одбиен како неуреден. За законот дебатираа само пратениците од СДСМ, кој сметаат дека ова е погрешно решение, кое се носи по скратена постапка, без анализа и дебата и може да има лошо влијание.  

Пратеничката Јованка Тренечевска, зборуваше за Предлог-законот во делот на труд и социјална политика и поделбата на надлежностите потенцирајќи дека станува збор за шминка и дека ќе се руинира она што е направено во изминатите 30 години. Дополнително, посочи таа во законот стои дека ќе има фискални импликации но не се посочува колку ќе чини оваа реформа. Обвини дека ВМРО-ДПМНЕ веднаш постапува спротивно на изборната платформа.

Ја критикуваше реформата согласно која ресорот труд се припојува кон министерството за економија. Разделувањето на ресорите труд и социјална политика, смета Тренечевска, може да доведе до занемарување на работничките права за сметка на економијата. Посочи на повеќе делови од законот, во кои според неа, нема образложение зошто се прави оваа промена, како за инспекциските служби на пример.

Тренчевска зборуваше и за новото министерство за спорт, посочувајќи дека освен во Луксембург, во ниту една друга европска земја нема посебно вакво министерство. 

-Кај нас затоа што Борко Ристевски сака да стане министер се прави вакво министерство, рече Тренчевска. 

Според неа, до стапување на сила на овој закон ќе настане конфузија и министерствата нема да бидат функционални.  Овие позиции, предупреди Тренчевска, може да влијаат и на губење на парите од европските фондови. 

Славјанка Петровска, пратеничка од СДСМ, смета дека почетокот на ова парламентарно мнозинство е поразително посочувајќи на скратената постапка со која се носи овој Предлог-закон. Обвини дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не се вклучуваат во расправата. 

Соња Мираковска од НСДП рече дека нема ограничувања на дискусијата на пратениците на собраниските комисии, но дека кога се носи закон по скратена постапка дебатата е ограничена на три дена. - Лошо решение е кога трудот го преместувате во економија, рече пратеничката на НСДП. 

Бирото за метрологија, според Мираковска, исто така е лошо да биде ставено во министерството за енергетика, и тоа треба да остане во Министерството за економија. 

Ова, како што кажа, не е плод на анализа, ниту проценка на влијание, ниту дебата. 

Претходно Фатмир Битиќи, вицепремиер и пратеник од СДСМ, зборуваше за Предлог-законот изнесувајќи низа критики, меѓу кои и дека тој се носи без соодветна анализа и дебата, како и без објаснување како тој ќе ги смени животите на граѓаните. Според него, се зголемува бројот на министерства и другите органи а со тоа администрацијата ќе стане поробусна и уште понеефикасна. Обвини за недостаток на инклузивност поради фактот дека законот има само еден предлагач и во ситуација кога за носење на законот има потреба од двотретинско мнозинство. Изборните резултати, според Битиќи, не се трајна гаранција за легалитет. Според него, има непочитување на Уставот во делот на ингеренциите на Министерството за надворешни работи.  

Претседателот на Комисијата Љупчо Пренџов го опомена Битиќи дека го надминал времето за зборување, по што реагираше Славјанка Петровска исто така од СДСМ и побара да се цитира член од новиот Деловник во однос на времетраењето на дискусиите на пратениците. Како заменик-координатор Битиќи побара половина час пауза. 

Процедурална забелешка имаше и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, кој кажа дека ќе се работи се додека не се донесе Предлог-законот и да го исполнат она што граѓаните го побарале од нив. 

По завршување на расправата на Комисијата за политички систем, Предлог-законот треба да го разгледа и Законодавно-правната комисија. 

Претходно денеска Собранието ја изгласа потребата за носење на Предлог законот за реорганизација на органите на државната управа, што претставува вовед во формирање на новата Влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ. ев/са/

ФОТО: Принтскрин

 

Остани поврзан