• понеделник, 23 декември 2024

Собранието по скратена постапка ќе носи три законски решенија во рамките на 150-тата седница

Собранието по скратена постапка ќе носи три законски решенија во рамките на 150-тата седница

Скопје, 1 април 2024 (МИА) - Собранието денеска едногласно со 82 гласови „за“ го утврди дневниот ред на 150-тата седница на која се поставени три точки за носење на законски решенија по скратена постапка.

За првата точка, Предлог законот за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патната делница Миладиновци – Штип и патната делница Кичево – Охрид едногласно со 78 гаса „за“ пратениците одлучија да се разгледува по скратена постапка.

По скратена постапка ќе се разгледува и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за буџети што беше одлучено едногласно но со 79 гласови „за“. Исто така, едногласно но со 81 глас „за“ беше прифатен предлогот на пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ како трета точка на дневниот ред да биде ставен Предлог законот за изменување и дополнување на Изборниот закон, по скратена постапка.

Како што истакна пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ во образложението за носење на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за буџети по скратена постапка, станува збор за техничка исправка во Законот по барање на претседателот на Фискалниот совет, на членовите и на министерот за финансии.

-Со цел подобро екипирање на членовите на Фискалниот совет се прави измена во статусот на вработените за да може тие што ќе бидат вработени во Фискалниот совет да имаат подобри услови да го изработат тоа што согласно законот се бара од нив. Се работи за тело кое ќе треба да им користи на финансиските институции во државата и ќе треба да работи на анализи и истражувања за што се потребни магистранти и докторанти. За да се привлече ваков кадар треба да се обезбедат услови кои во овој момент не ги дозволува законот, рече Стојаноски.

Како трета точка на дневниот ред беше поставен Предлог законот за изменување и дополнување на Изборниот закон со кој допрецизираат одредбите за определување на редниот број на гласачкото ливче за двата изборни процеси, односно политичките парти кои предложиле или поддржале кандидат за претседател на државата да можат да ги задржат извлечените редни броеви и за парламентарните избори за поедноставна презентација пред граѓаните. Другите политички партии кои ќе учествуваат на парламентарните избори, пак, дополнително по пат на жребка ќе извлечат редни броеви под кои ќе настапат на изборите.  

-Заради поедноставување на постапката на определување на реден број на гласачкото ливче подносителот на листата на кандидати за претседател на државата ќе може со писмена согласност да дозволи неговиот реден број истовремено да се користи и на гласачкото ливче и за друга листа на кандидати за друг на вид на избори доколку кандидатот, односно кандидатите се поддржани од иста политичка партија или коалиција или користат ист симбол, појасни Мицевски.  

Седницата ќе продолжи откако матичните собраниски комисии ќе го завршат својот дел од работата по трите точки на дневниот ред.вј/лв/

Фото Принтскрин

 

Остани поврзан