Собранието повторно на едночасовна пауза
- Собранието повторно не може да го утврди дневниот ред на 48-та седница, бидејќи на барање на пратеникот Сашо Јанчев од Левица е на пауза до 14:30 часот.
Скопје, 14 мај 2025 (МИА) – Собранието повторно не може да го утврди дневниот ред на 48-та седница, бидејќи на барање на пратеникот Сашо Јанчев од Левица е на пауза до 14:30 часот.
Јанчев, како што посочи, во процедурално барање на секоја седница ќе бара едночасовна пауза се додека генералниот секретар на Собранието не одговори на барањето на пратеничката Јована Мојсоска од Левица за добивање информација за висината на патните трошоци и станарината што им е платена на некои пратеници.
Собранието и претходно до 13:00 часот беше на едночасовна пауза која во процедурално барање ја побара координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски. Тој го обвини претседателот на Собранието Африм Гаши за злоупотреба на процедурите при утврдувањето на дневниот ред на денешната седница и побара пауза за да се утврди тоа.
На почетокот на седницата пратениците одлучија по скратена постапка да се донесат предлог законите за изменување и дополнување на Законот за оружјето и на Законот за употреба на македонскиот јазик, како и предлог законот за дополнување на Законот за работни односи.
Не помина барањето за ставање по скратена постапка законското решение за утврдување надомест за семејствата на починатите во пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани и за повредените од тој немил настан, како и барањата од денвиот ред да се тргнат Предлогот за разрешување и именување претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за оружјето, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за локална самоуправа и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата, во второ читање.вј/аа/
Фото: Принтскрин