• недела, 22 декември 2024

Собранието на едночасовна пауза

Собранието на едночасовна пауза
Скопје, 8 јуни 2022 (МИА) - Претседателот на Собранието Талат Џафери објави едночасовна пауза во  законодавниот дом каде ноќеска се расправа по точките од 73. седница. Во тек е расправа по  втората точка – Предлог-одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Организацијата на Обединетите Нации „УНИФИЛ“ во Република Либан, за која се пријавени 20 говорници. Претходно заврши расправата по Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина, откако беше исцрпена листата на пријавени говорници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и за неа ќе се гласа дополнително. Пратениците од  ВМРО-ДПМНЕ и во денешната работа на Собранието продолжија со активностите за, како што велат, активна блокада на законодавниот дом, што ја стартуваа на 10. минатиот месец. Тие во текот на дебатата по првата точка критикуваа дека одлуката  се носи со задоцнување од еден месец, откако припадниците на АРМ веќе биле испратени во АЛТЕА, како и дека ова е класично непочитување на законите и преседан и посочија дека треба да се повика на одговорност министерката за одбрана. Пратениците од СДСМ пак, пријавувањето за збор на дури 18 говорници за оваа точка го оквалификуваа како политичка агресија и забалежаа оти говорницата најмалку ја користат за да зборуваат за точката која е на дневен ред. На дневен ред на 73. седница се и две ратификации, како и измени на Законот за платите на судиите, како и на членовите на Судскиот совет, измени на Законот за сигурност на железничкиот систем и измени на Законот за средното образование.лв/вг/

Остани поврзан