• недела, 22 декември 2024

Собранието донесе одлука за прогласување кризна состојба на дел од територијата на државата

Собранието донесе одлука за прогласување кризна состојба на дел од територијата на државата
Скопје, 21 април 2021 (МИА) - Собранието попладнево донесе неколку предлог-одлуки и еден дополнет предлог закон, кој се однесува на четвртиот пакет економски мерки, во рамки на 39-тата седница. На почеток, со 92 гласови „за“, ниту еден воздржан или против, беше донесена Одлуката за прогласување кризна состојба на дел од територијата, заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти и заради заштита на јавното здравје во услови на пандемија. По неа, следеше донесување на две одлуки за испраќање на припадници на Армијата за учество во меѓународната операција на Организацијата на Обединетите нации УНИФИЛ во Либан. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски, во својот говор истакна дека треба да се внимава какви лица се испраќаат во овие мисии оти тие ја претставуваат нашата држава. Тој го посочи случајот со испраќањето на медицински тим во Кабул обучуван во Норвешка, чии припадници, како што рече, од норвешките стручни лица биле оценети дека не може да ја извршуваат работата самостојно. - Главниот хирург на тимот, од стручниот тим на Норвешка, беше оценет дека не знае да изврши основи хируршки интервенции. За другите медицински лица, беше кажано дека добро ја вршат работата. Но, забелешката беше за хирургот кој го предводи медицинскиот тим. Треба да внимаваме кого испраќаме во овие мисии, изјави Стојановски. Во продолжението на седницата беше донесен и дополнет предлог на закон за дополнување на Законот за финансиска поддршка на граѓани со низок доход, корисници на пензија, на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни. Законот е дел од четвртиот пакет економски мерки. Собранието ја донесе и Одлуката за именување на претседател, потпретседател, членови и заменици членови на Националниот совет за евроинтеграции, како и предлогот за избор на членови на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност. При утврдувањето на дневниот ред на седницата, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, во процедурална забелешка, рече дека претседателот на Собранието Талат Џафери треба да ги оддели законите, кои се дел од пакетите за антикризни мерки од другите закони. На ова, Џафери му одговори дека тој својата работа ја врши согласно Деловникот и оти нема да дозволи никој да му диктира дневен ред на седниците. На дневниот ред на 39 седница, се најде и Предлог на закон за дополнување на Законот за здравствената заштита, по скратена постапка. Министерот за здравство Венко Филипче образложи дека со овој закон се ограничува сумата која пациентите ја плаќаат во приватните болници. Ограничувањата, како што објасни, се на ниво на цените на пакетите што Фондот за здравствено осигурување ги плаќа кон здравствените установи, а тоа е од 40 до 300 000 денари. - Се забранува преминување на кадар од јавно во приватно здравство за време на прогласена пандемија и се надминува оној проблем кој произлезе од Законот за управување со кризи, кој укажуваше дека ресурсите на приватните установи во ситуација на криза, кога државата ги користи, за тоа наплаќа соодветен процент. Со законот, ресурсите се користат целосно бесплатно, појасни Филипче. По редовната пауза, Собранието треба да продолжи со работа во 15 и 30 часот. ир/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан