• вторник, 17 декември 2024

Собранието ги избра замениците министри во Владата

Собранието ги избра замениците министри во Владата
Скопје, 23 септември 2020 (МИА) - Собранието вечерва, во рамки на 13-та седница, со 62  гласа „за“, 44 против и без ниту еден воздржан ги избра замениците министри во Владата. За заменик министер за одбрана е избран Башким Хасани, Назим Буши во Министерството за внатрешни работи, а во ресорот правда Агим Нухиу. Илхан Рахман е нов заменик на министерот кој раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а Фатмире Исаки за заменик-министер за надворешни работи. Во Министерството за финансии заменик министер ќе биде Димитар Ковачевски, а во Министерството за економија Зоран Маневски. Во ресорот земјоделство, шумарство и водостопанство заменик министер ќе биде Трајан Димковски, кој претходно ја извршуваше министерската функција во истото Министерство. Илир Хасани е избран за заменик министер во Министерството за здравство. Арафат Шабани е нов заменик министер во Министерството за образование и наука, Енвер Хусејин во Министерството за труд и социјална политика, Зоран Димитровски во Министерството за локална самоуправа и Седат Сулејмани во Министерството за култура. Заменик министер за информатичко општество и администрација ќе биде Александар Бајдевски, во Министерството за транспорт и врски Беким Реџепи, а во Министерството за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска. Премиерот Зоран Заев рече дека предложените заменици министри се стручни луѓе, кои заслужуваат шанса и ја повика опозицијата да ги поддржи. Рече дека ќе поттикне и кај министрите и кај замениците да соработуваат со Парламентот. Пратениците од СДСМ рекоа дека пратениците од опозицијата водат натпревар во тоа кој ќе изнесе повеќе невистини, навреди и клевети за премиерот, претставниците на монозинството и за кандидатите за заменици министри. Ненад Коциќ рече дека очекуваат замениците заедно со министрите и со премиерот да се борат за реализација на програмата на Владата и за правецот што го избра мнозинството граѓани - НАТО, економски развој и ЕУ интеграции. Покрај дебатата за заменици министри, вечерва пратениците од опозицијата обвинија за лоша состојба се здравството и кожарската индустријата во Штип каде, како што рекоа, претстојат отпуштања на работници. Зборуваа за справувањето со коронавирусот, тутунот, лозарството, за пласманот и за ниските цени на производите, за образованието, економијата... Лидија Петкоска од ВМРО-ДПМНЕ смета дека туризмот е пред колапс. Апелираше до предложените заменици-министри, особено за економија и за финансии, уште утре да остварат средба со туристичките работници и да ги разгледаат нивните барања, кои до споменатите министерства, како што рече, се доставени уште во јуни годинава. Пратеникот Димитар Апасиев од Левица рече дека меѓу предложените заменици министри има личности со богати биографии и се согласи дека треба да им се даде шанса, но има и „стари ликови кои имаат багаж од минатото“. Пратеничката Мерита Колчи Коџаџику рече дека ДУИ ќе ги поддржи сите предложени заменици министри, но и ќе ги критикуваат, ако има потреба за тоа. Од нив очекуваат активно учество, максимално вклучување во започнатите процеси и во политиките за добрите меѓуетнички и соседски политики. Таа рече дека ги анализирала биографиите на кандидатите за заменици министри и убедена е дека тие ќе помогнат во министерствата каде се предложени. Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека следната, 14 седница ќе се одржи в петок, кога е најавено обраќање на претседателот на Република Словенија Борут Пaхор. мд/сп/

Остани поврзан