• недела, 22 декември 2024

„Соар“: Експертите предупредуваат за „огромна“ циркулација на Корона вирусот во Белгија  

„Соар“: Експертите предупредуваат за „огромна“ циркулација на Корона вирусот во Белгија  

Брисел, 19 декември 2023 (МИА) – Мерните станици на отпадните води во Белгија покажуваат „огромно“ ниво на циркулација на Корона вирусот во земјата, поради што здравствените експерти предупредуваат дека состојбата постепено станува „алармантна“, објави белгискиот весник „Соар“. 

Според овие податоци, врз основа на мерењата на 13 декември во 22 од 41 пречистителна станица е регистрирано „високо ниво на циркулација на Корона вирусот“ и нагорен тренд на неговото присуството во споредба со претходната недела. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, поради растот на бројот на заболени на крајот на ноември во Белгија беше прогласено „жолто ниво“ на опасност од респираторни инфекции. Сепак, според властите, притисокот врз белгискиот здравствен систем засега „останува под контрола“. 

За в четврток е закажан состанок на медицинскиот експертски тим за проценка на ризик, кога е можно да биде препорачано воведување на одредени превентивни мерки, како на пример, повторно задолжително носење на маски на лицето во здравствените установи. 

Белгиската Федерална служба за јавно здравје предупреди дека од суштинско значење е да се почитуваат хигиенски мерки промовирани по појавата на Ковид пандемијата, со цел да се избегне какво било ширење на вирусот.  

- Редовно мијте ги рацете со сапун и вода, проветрувајте ги просторите и останете дома ако сте болни, потсети Федералната служба, додавајќи дека останува и препораката за вакцинација против Ковид-19 и грип пред се за високоризичните групи граѓани. 

Белгиското Министерството за здравство соопшти дека и покрај регистрираниот загрижувачки тренд засега не се предвидуваат дополнителни мерки за намалување на бројот на заразени со Корона вирус. 

Раководителката на лабораторијата на Институтот „Рега“ од градот Лувен, Елке Волантс во интервју за весникот „Нивсблад“ предупредува дека циркулацијата на Корона вирусот во Белгија во моментов е „огромна“. 

- Го достигнавме вториот највисок врв забележан досега. Дури за време на десеттиот бран, во текот на пролетта оваа година, присуството (на вирусот) на беше на ова ниво. Во отпадните води има многу вируси, а во лабораториите гледаме и многу примероци од болни луѓе. Оваа ситуација не е карактеристична само за Белгија, епидемијата се шири низ цела Европа, додаде Волантс. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан