„Случајната смрт на еден анархист“ нова премиера на Штипски театар
- „Случајната смрт на еден анархист“е новата премиера на Народен Театар-Штип, во режија на Ивана Ангеловска, а по текст на Нобеловецот Дарио Фо. Режисерката Ангеловска на денешната прес-конференција рече дека со актерите од Штипскиот театар тргнале да направат претстава, којашто се занимава со истражување на вистината.
Штип, 14 ноември 2025 (МИА) –„Случајната смрт на еден анархист“е новата премиера на Народен Театар-Штип, во режија на Ивана Ангеловска, а по текст на Нобеловецот Дарио Фо. Режисерката Ангеловска на денешната прес-конференција рече дека со актерите од Штипскиот театар тргнале да направат претстава, којашто се занимава со истражување на вистината.
-Со истражување на перцепцијата на вистината, со манипулацијата на власт во однос на граѓаните, со манипулацијата и медиумите. Сакавме да отвориме некои прашања, за тоа како се креираат тие вистини, или се фабрикуваат официјални приказни на општествено ниво и се надевам дека успеавме да го направиме тоа. Станува збор за сатиричен текст, којшто е еден од најдобрите на современото општество, вели Ангеловска.
На денешната прес-конференција актерите Марија Минчева Андонов, Милорад Ангелов и Ефтим Трајчов Ѓаурски истакнаа дека процесот додека ја работеле претставата бил интересен, а оваа претстава ќе има и интеракција со публиката. В.д директор на Националната Установа Центар за култура „Ацо Шопов“-Штип, Пеце Ристевски истакна дека премиерата на новата претставата на Театар Штип е в сабота во 20 часот, а репризата е во вторник, во 20 часот. Во претствата играат Марија Минчева Андонов, Милорад Ангелов и Ефтим Трајчов Ѓаурски, Никола Кузелов, Стефанија Митовска и Ава Хусеини. Претставата се реализира преку Програмата на Министерството за култура и туризам. вдј/вј/
Фото: МИА