• среда, 18 декември 2024

Словенија следната недела ќе го преземе претседавањето со Советот на Европската унија

Словенија следната недела ќе го преземе претседавањето со Советот на Европската унија
Љубљана, 27 јуни 2021 (МИА) - Словенија ќе го преземе од Португалија ротирачкото претседавање со Советот на Европската унија следната недела, по вторпат откако стана членка на Унијата. Португалија го завршува своето претседателство на последниот ден од јуни, а Словенија ја презема палката на 1 јули, потсетува Хина. По тој повод, комесарите на Европската комисија, предводени од претседателката Урсула фон дер Лајен, в четврток ќе пристигнат во Словенија. Вообичаена пракса е Комисијата да ја посети земјата што го има Претседателството на почетокот на секое претседателство. Тогаш, Комисијата на словенечката Влада ќе и врачи позитивна оценка на словенечкиот национален план за закрепнување и отпорност. Ова е второ претседателство на Словенија, која стана членка на Унијата во 2004 година. Таа првпат претседаваше во првата половина на 2008 година, само три и пол години по пристапувањето во ЕУ и беше прва меѓу новите членки што го презеде претседателството. И тогаш и сега, Јанез Јанша е шеф на словенечката Влада. Првото словенечко претседателство беше во различни околности. Во тоа време, улогата на земјата претседавач беше повидлива и поважна отколку по влегувањето во сила на Лисабонскиот договор на 1 декември 2009 година, посочува Хина. Во тоа време, со самитите на Европската унија претседаваше и ги подготвуваше шефот на земјата-претседавач,а денес ова е во описот на работното место на претседателот на Европскиот совет. Истото важи и за Советот за општи работи, со кој претседава високиот претставник за надворешна политика и безбедност, а не министерот за надворешни работи на земјата-претседавач. Словенија ќе претседава со Советот на Европската унија под слоганот „Заедно. Отпорна. Европа". Со овој слоган, објаснуваат во словенечката влада, сакаат да испратат три одделни и суштински поврзани пораки дека клучот за зајакнување на отпорноста на Унијата, што ефикасно ќе се соочи со предизвиците, е меѓусебната поврзаност, соработка и солидарност. Програмата за претседателствувањето на Словенија се заснова на четири приоритети - закрепнување и зајакнување на отпорноста на Европа, размислување за иднината на Европа, зајакнување на владеењето на правото и европските вредности и безбедноста и стабилноста во европското соседство. Во октомври оваа година, Словенија ќе организира самит на лидерите на Европската унија и земјите од Западен Балкан. Поради пандемијата на коронавирус, последните две претседателства, германското и португалското, не организираа традиционална посета на група дописници од Брисел. Сега епидемиолошката состојба во Европа е многу поповолна и словенечката влада одлучи да ја организира таа посета во средината на следната недела. ссм/

Остани поврзан