• петок, 05 декември 2025

Словенечкиот амбасадор Прескер во посета на Општина Струмица

Словенечкиот амбасадор Прескер во посета на Општина Струмица

Струмица, 16 јули 2025 (МИА) - Амбасадорот на Република Словенија во нашата држава, Грегор Прескер и членовите на неговата делегација денеска беа во посета на Општина Струмица и каде што се сретнаа со градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, објави на неговиот фејсбук профил струмичкиот градоначалник.

На средбата, како што наведува Костадинов, се разговарало на повеќе актуелни теми, со посебен акцент на заштитата на животната средина.

– На средбата, на којашто присуствуваа и претставници на „Нула отпад“ од Скопје, разговаравме за теми поврзани со функционирањето на Општината во ова невреме во кое доминира игнорантски однос на Владата кон Струмица, а посебен акцент беше ставен на заштитата на животната средина, врвен приоритет во мојот градоначалнички мандат. Им ги пренесов позитивните практики од воведувањето на јавниот електричен превоз како прва општина на Балканот со таков превоз, изградба на велосипедски патеки, зголемување на јавните зелени површини, стои во објавата на Костадинов.

Тој се заблагодарил и за трите награди-печатари за детските градинки во Струмица за успешното учество на дечињата на креативниот конкурс „РЕ АРТ“ за собирање на ситен електронски отпад, стари мобилни телефони, полначи и слушалки, испраќајќи ја пораката Растеме – еко свесни.

На крајот струмичкиот градоначалник додава дека заедничка била констатацијата со амбасадорот Прескер за продлабочување на соработката за доброто на двата народа. рт/ра

Фото: ФБ Костадин Костадинов

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан