Сликовницата „Нела Смела и Бушавата Бура“ на Црвенковска и Николовска објавена на хрватски и словенечки
- Во пресрет на новата училишна година, децата во Хрватска и Словенија ќе имаат можност да читаат книга од македонски авторки. Сликовницата „Нела Смела и Бушавата Бура“ на писателката Билјана С. Црвенковска и илустраторката Катерина Николовска, во издание на „Чудна шума“, е преведена на хрватски и словенечки јазик, во рамки на партнерскиот проект „Планета НАДЕЖ: Нова европска проза“.
Скопје, 29 август 2025 (МИА) - Во пресрет на новата училишна година, децата во Хрватска и Словенија ќе имаат можност да читаат книга од македонски авторки. Сликовницата „Нела Смела и Бушавата Бура“ на писателката Билјана С. Црвенковска и илустраторката Катерина Николовска, во издание на „Чудна шума“, е преведена на хрватски и словенечки јазик, во рамки на партнерскиот проект „Планета НАДЕЖ: Нова европска проза“.
- Хрватскиот превод „Nela Smjela i čupava bura”, дело на младата преведувачка Магдалена Кукиќ, која е и една од семинаристките на летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, е во издание на Ибис графика, реномирана издавачка куќа од Загреб која претежно издава литература за деца и млади.
Словенечкиот превод „Neustrašna Nela in kuštrava burja”, пак, е дело на Алеш Мустар, поет и преведувач кој ѝ е добро познат на македонската книжевна публика. Преводот е објавен во една од најпознатите и најактивните независни издавачки куќи во Словенија – „КУД Содобност“, соопшт издавачката куќа „Чудна шума“.
„Нела Смела и Бушавата Бура / Nela Guximtarja dhe furtuna e shpupurishur“ е сликовница која во издание на „Чудна шума“ (2022) е објавена на два јазика – македонски и албански. Оваа „шарена сликовница со бушави прашања и задачи“ ја раскажува приказната за храбрата и досетлива Нела која ни открива како изгледа животот на планетата Ш, каде што се обидува да ја скроти Бушавата Бура и ни покажува што значи да биде – смела . Ова е приказна за стравот, смеата и авантурата, приказна за храбри девојчиња кои не се плашат од ништо!
Сликовницата „Нела Смела и Бушавата Бура“ е преведена во рамки на партнерскиот проект „Планета НАДЕЖ: Нова европска проза“, во кој освен „Чудна шума“ како лидер на проектот и издавачката куќа „Гаврош“ од Македонија, учествуваат и издавачките куќи „Ибис графика“ од Хрватска, „Содобност“ од Словенија и „Мителдојчер ферлаг“ од Германија.
– Ова се само дел од книгите кои се преведени или ќе се преведуваат во рамки на проектот, имаме повеќе книги што се преведуваат на македонски, а најзначајно – имаме дури три книги што се преведуваат од македонски на други јазици. Покрај „Нела Смела и Бушавата Бура“ која се преведе на два јазика, претходно беше преведен на германски првиот роман за возрасни на Билјана С.Црвенковска – „Девет приказни за госпоѓица Сит“. Ова издание ја доживеа својата прва промоција на саемот на книга во Лајпциг, а ќе доживее и две промоции на саемот на книга во Франкфурт овој октомври, велат од „Чудна шума“.
Проектот „Планета НАДЕЖ: Нова европска проза“ е кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и подржан е и од Министерството за култура и туризам на Македонија.лв/вј/
фото: принтскрин Литература.мк