• понеделник, 23 декември 2024

Славе Ѓорѓо Димоски лауреат на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2023 година

Славе Ѓорѓо Димоски лауреат на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2023 година

Охрид, 4 јануари 2024 (МИА) - Славе Ѓорѓо Димоски е авторот на поемата „Денес“, избрана како најдобра поема за наградата што секоја година ја доделува Националната установа – центар за култура „Григор Прличев“ од Охрид.

Одлуката за изборот на најдобрата поема донесена е едногласно од страна на Комисијата составена од Милован Стефановски - претседател и членовите Елизабета Шелева и Иван Додовски.

Според соопштението од Комисијата, на конкурсот биле пријавени седум авторски дела, од кои во потесен круг покрај наградената уште влегла и  поемата „Армагедон – големиот суден ден“ , пријавена под шифра „Валтер“.

Општа оценка на Комисијата е дека квалитетот на дел од пријавените поеми не е на очекуваното ниво, особено имајќи ги предвид угледот на наградата и вредностите на некои наслови наградувани изминатите години.

Според членовите на Комисијата, наградената поема „Денес“ се издвоила од останатите пријавени ракописи, нудејќи „драгоцени созвучја со современоста, дискретно актуализирајќи повеќе топоси како, на пример, постхуманизам, масовен хазард, миграции и војна“.

„Поемата ‘Денес’ донесува освежување на канонскиот модел на жанрот, избегнувајќи ги архаичните обрасци и реторика. Композициски, поемата содржи три дела, секој со три пеења, сите проникнати со фино дозирани наративни секвенци и јасна нишка на приказна. Еден свеж, урбан (понекогаш и жаргонски груб, неуфемистичен) лирски глас наизменично, како во контрапункт, ги поврзува општата и интимната состојба: врз фонот на глобалната криза се открива драмата на Тој и Таа, неможноста за дијалог, комплетната замрзнатост како внатрешна духовна состојба, но и потребата за допир и за светост (што се изразува низ неколку библиски референци). Во поглед на исказот, поемата се одликува со економичност, со сугестивни дискурзивни решенија и со критички себесоголувања, како и со луцидни гномски стихови, кои имаат ефект на сликовити егзистенцијални поенти...“ се посочува во образложението објавено од страна на Комисијата.

Славе Ѓорѓо Димоски (поет, есеист, преведувач) е роден на 18 март 1959 година во охридското село Велестово. Завршил Филолошки факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во два мандата бил претседател на Управниот одбор на НУ „Струшки вечери на поезијата“. Основач е и долгогодишен раководтиел на фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“.

Автор е на книгите поезија „Гравири“, 1979, „Проект“, 1982, „Студен порив“, 1985, „Последните ракописи“, 1988, „Спореден пат„, 1991, „Предмети и аргументи“, 1994, „Форми на страста“, 1998, „Форми на страста / Forms of passion“, „Macedonia Prima“, 1999, „Темно место“, 1999, „Мерач на зборовите“, 2007, „Хаику на разгледници“, 2015, „Јазичен триптихон“, 2015, „Кумова слама“, 2018, „Јазик и леб“, како и книгата „Поезија/Ткаења“ од 2014 година во која е објавена неговата целокупна поезија пишувана од 1979 до 2014 година.

Објавил шест книги за деца и четири книги со есеи, а превел над триесетина книги на поети од словенското јазично подрачје. Дваесет книги му се преведени на стрнски јазици, а поединечни песни и поетски циклуси се преведени на над триесет и пет јазици, меѓу кои англиски, француски, руски, малезиски, српски, романски, турски, албански, шведски, шпански, чешки, хрватски, словенечки, полски, азерски, украински, бугарски, германски, хебрејски, арапски италијански, грузиски, ерменски, монголски…

Наградуван е со повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, а меѓу нив „Браќа Миладиновци“, „Антево перо“, „Ацо Шопов“, Гран при интернационал (Романија), „Сергеј Есенин“ (Русија) и др. Двапати е добитник на највисокото охридско признание „Св. Климент – Патрон на Охрид (2000 и 2012 г.) Застапуван е во сите антологии на македонската поезија објавени во Македонија и низ светот по 1982 година.

Наградата на лауреатот традиционално ќе му биде врачена во рамки на манифестацијата „Прлиеви беседи“ што се одржува на почетокот на февруари, кога се одбележува годишнината од смртта на големиот охридски и македонски поет и преродбеник. аб/са/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан