• среда, 04 март 2026

Славески - Варнс: Стабилниот финансиски систем и модерните платни решенија се основа за инвестиции и економски раст

Славески - Варнс: Стабилниот финансиски систем и модерните платни решенија се основа за инвестиции и економски раст

Скопје, 12 февруари 2026 (МИА) - Народната банка постојано го јакне својот институционален капацитет преку многубројни развојни проекти, со посебен акцент на модернизацијата на платните системи. Современите и ефикасни платни решенија придонесуваат за поголема сигурност, побрз проток на финансиски средства и олеснување на деловното работење, што е значајно за подобрување на инвестициската клима, беше истакнато на средбата помеѓу гувернерот Трајко Славески и в.д. амбасадорката на САД во Македонија, Никол Варнс.

На средбата, како што информира Кабинетот на Славески, беа разменети мислења за економските текови, институционалниот развој на Народната банка и реформските процеси насочени кон поддршка на економскиот раст и евроинтеграцијата.

Гувернерот Славески нагласи дека одржувањето на макроекономската стабилност и финансиската стабилност е врвен приоритет на Народната банка како основа за создавање стабилни и предвидливи економски услови за поттикнување на домашните и странските инвестиции и за одржлив економски раст.

Во разговорот гувернерот Славески се осврна и на пристапувањето на земјата кон Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) оценувајќи дека станува збор за историски чекор за македонската економија. Тој посочи дека со пристапувањето кон СЕПА на македонските граѓани и компании им се овозможи да вршат побрзи, поефикасни и поевтини плаќања во евра, и тоа уште пред полноправното членство на земјата во Европската Унија.

Гувернерот нагласи дека со воспоставувањето клон на ТИПС, развиен со поддршка на Европската централна банка, се официјализира почетокот на современ систем за инстант-плаќања, што претставува значаен исчекор во модернизацијата на националната платежна инфраструктура и нејзиното регионално поврзување со земјите од Западен Балкан и со европскиот платежен простор. Со овој систем ќе се овозможи извршување плаќања во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата, при што најголемиот дел од трансакциите ќе се обработува за неколку секунди. Новите решенија ќе овозможат едноставно иницирање плаќања, што ќе придонесе за побрзи, посигурни и поевтини трансакции за граѓаните и компаниите, како и за поефикасно работење на трговците.

Соговорниците ја потврдија подготвеноста за натамошно продлабочување на соработката и размената на искуства во областите од заемен интерес за поддршка на економската стабилност и реформските процеси во земјата. мч/са/

фото: Народна банка

Остани поврзан