• петок, 05 декември 2025

Скулптури на Анета Светиева повеќе од 100 денови изложени во Битола

Скулптури на Анета Светиева повеќе од 100 денови изложени во Битола
Битола, 6 март 2022 (МИА) - Одамна не се случило, барем не во битолскиот Музеј, една изложба повеќе од 100 денови да биде отворена за љубителите на уметноста, како што тоа се уште се случува со изложбата на скулптури, чиј автор е скулпторот Анета Светиева. Вистинска реткост е одредена културна понуда искажана низ изложба да се задржи подолго време и да го привлекува вниманието на домашната, и публика од странство, особено ако се знае дека изложба на скулптури во ваков формат, со над 30 авторски скулптури на битолчанката Светиева, за прв пат се случува во НУ Завод и Музеј-Битола. Анета Светиева (Битола, 1944 г.) е вајарка, магистер по ликовни уметности и доктор по етнологија, истражувачка на народната уметност и професорка во Заводот за етнологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Од нејзината богата биографија откриваме дека била асистентка и научен соработник-истражувач за пластична народна орнаментика во Институтот за фоклор „Марко Цепенков“ во Скопје и ги истражувала копаничарските изведби на таваните во Дебар. -Само сакам формите да се постојано живи, постојано динамични, макар што тие покажуваат вкочанетост во некои елементи, како на пример, стиснати раце – тупаници, некаков екран нацртан на градите. Тие скулптури содржат некоја енергија, па макар да се работи за светот на умрените. Моите скулптури се полни со оптимизам и страст, само кој не сака тоа не може да го види. Тоа е одбрана, најобична одбрана, а тоа го прават и други, во разни форми на уметноста, вели Светиева. Додава дека секогаш се обидувала да ги опфати оние трајни вредности, константи, што се провлекуваат низ сите времиња и култури. Мојот победник, вели, е љубовта во едно пошироко значење, во вид на оплеменување на разулавениот и отуѓениот свет во кој живееме. Сто дена изложба на скулптури во битолскиот Музеј Во НУ Завод и Музеј-Битола се одржале најразлични изложби, но изложбите на скулптури сами по себе се редок настан бидејќи мал е бројот на уметници скулптори во земјава. -Анета Светиева е скулпторка, препознатливо име и презиме во македонската, но и јавноста во поранешна Југославија, рангирана како еден од трите најдобри скулптори во поранешната држава, професорка која творела во втората половина на 20. век. Нејзината изложба во Битола за нас е од големо значење, а посебно вреден е нејзиниот гест да подари 30 скулптури на НУ Завод и Музеј. Скулптурите потекнуваат од различни периоди од нејзиното творештво и ја даваат генезата на уметничкото творештво на Светиева, нејзиниот развој и израз. Изложбата беше поставена во ноември минатата година и ќе биде отворена се до празникот 8. Март, кога надминуваат 100 дена можност љубителите на уметноста да видат редок настан во Битола, вели директорката д-р Мери Стојанова, потенцирајќи дека вистинска реткост претставува една изложба толку долго време да биде поставена и отворена во Музејот. Пластична нарација – мит и стварност За изложбата на Светиева, Викторија Васева Димеска, уметнички критичар и потписник на официјалниот каталог за изложбата, нагласува дека скулптурата на Светиева е оригинална и во најголема мерка осамена појава. Помеѓу нејзе и времето постои непремостлива бездна: таа има свој свет и сопствена форма која, во име на интегралната скулптура, се спротивставува на раздробени и дезориентирани истражувања на модерната уметнот. Поради тоа нејзиниот дијалог со времето е комплексен и сложен, бидејќи таа ги брани своите вистини. Според Лазар Трифуновиќ, сите дела на скулторката Анета Светиева содржат сопствена тајна во судирот меѓу животот и смртта кој прераснува во повисок симбол на нејзината уметност. За нејзе животот, не е оптимистичка егзалтација, како што ни смртта не е светска трагедија. Всушност разликата е мала, скоро незначајна, тоа е судир без победник, нагласува Трифуновиќ. Вредна за внимание е и оценката на Милан Ѓурчинов кој за творештвото на Светиева вели дека може да се протолкува како судир на есенцијалното и исконското, тривијалното, анималното и ефемерното со кои се судрува и им се спротивставува внатрешното и суштественото на човечката егзистенција. Изложби, признанија и награда за животно дело „Нерешки мајстори“ Анета Светиева како вајарка имала бројни забележителни изложби во државата и странство. Нејзините дела биле распослани во Белград, Љубљана, Грац, Виена, Истанбул, Будимпешта...Во 1997 година, Светиева е македонски претставник на 47. Меѓународна уметничка изложба во Венеција каде нејзиниот настап на биеналето во Венеција е одбележан со посебен пиетет, како настап на автор што се издвојува со својот специфичен, оригинален и значаен уметнички израз. Најновата изложба во Битола се разликува од многу други и затоа што е донаторска, таа 30 свои авторски дела подари на НУ Завод и Музеј-Битола. -Големо благодарам за вредниот подарок од скулпторскиот опус на професорката Светиева. Прекрасен избор на скулптури во кои доминира тактилно меко моделирање со симболична суптилна употреба на боја, на врежани орнаменти и на бели инкарнати, исклучителен респект кон материјалот и неговите законитости. Во збирката скулптури авторката користи гипс, за некои глина, потоа дрво, мермер, а работи и со картон, односно уметничка техника која ја обликува на метал, а потоа поставува картон. Такви се скулптурите „Потковица“ од 1990 година, „Црвена капачка“ од 1987 година, „Сина капачка“ и „Двојник – Клон број 1 и број 2“, појаснува Стојанова. Изложбата со скулптури изработени од професорката Анета Светиева во битолскиот Музеј ќе биде отворена уште некој ден, тоа е можност да се видат врвни дела и да се дознае зошто меѓу другото таа во 2019 година ја доби и наградата „Нерешки мајстори“ за животно дело, што ја доделува Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Марјан Танушевски

Остани поврзан