• недела, 22 декември 2024

„Скопје Филм Студио“ со два филма на Интернационалниот филмски фестивал во Сао Паоло

„Скопје Филм Студио“ со два филма на Интернационалниот филмски фестивал во Сао Паоло

Скопје, 19 октомври 2023 (МИА) - „Скопје Филм Студио“ со два филма на Интернационалниот филмски фестивал во Сао Паоло, во Бразил, чие 47 издание почнува денеска. На фестивалот годинава ќе се прикажат 362 филма од 96 земји, како преглед на современата светска кинематографија.

Како македонски малцински копродуцент ,„Скопје Филм Студио“ ќе учествува со филмовите „Чуварите на формулата“ на Драган Бјелогрлиќ, српско-македонско-словенечко-црногорска копродукција и „Молкот на сирените“, дебитантско остварување на Газменд Нела, направен како косовско-швајцарско-албанско-македонска копродукција.

- „Молкот на сирените“ го следи Авни, сообраќаен полицаец во мало гратче во Косово, семеен човек, ниту многу чесен, ниту многу храбар. Со неговиот партнер Гезим примаат ситно мито од возачите кои ги сопираат поради брзо возење. Една вечер, мислејќи дека прават добра работа, спроведуваат до полициската станица меѓународен судски обвинител кој возел под дејство на алкохол, со торба полна со готовина во задниот дел од автомобилот. Тие двајцата набрзо се наоѓаат заплеткани во случај на корупција, што оди предалеку за нив, објаснуваат од „Скопје Филм Студио“.

Актерката Амернис Нокшиќи толкува една од главните улоги во филмот, свој авторски придонес има Влатко Чачоровски како сценограф, а како продуцент се потпишува Томи Салковски.

- Во рамките на натпреварувачката програма Нови режисери, филмот ќе ја доживее својата светска премиера на 20-ти октомври (петок), а ќе следуваат уште две проекции, на 23-ти и 28-ми октомври, информираат од  „Скопје Филм Студио“.

 „Чуварите на формулата“ е заснован на романот „Случајот Винча“ на Горан Милашиновиќ, а инспириран од вистински настан што се случил пред точно 65 години.

- Во Србија, 1958 година, во институција за нуклеарни истражувања, група научници се контаминира за време на експеримент и набрзо се разболува од зрачењето. Тие се испратени на лекување во Париз, но нивната единствена шанса за преживување е трансплантација на коскена срцевина, за тоа време сè уште експериментален третман и прв во светот од ваков вид. Филмот се прикажува во фестивалската програма Интернационална перспектива, со проекции закажани за 25-ти, 29-ти и 30-ти октомври, соопштуваат од  „Скопје Филм Студио“.

Двата филма се поддржани од страна на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија. ир/аа/

 

Фото: Скопје Филм Студио

Остани поврзан