• среда, 10 јули 2024

Скопје прогласен за „Европска престолнина на културата за 2028 година“ (ДПЛ) 

Скопје прогласен за „Европска престолнина на културата за 2028 година“ (ДПЛ) 

Брисел, 20 септември 2023 (МИА) – Прогласувањето на Скопје за „Европска престолнина на културата за 2028 година“ претставува голем успех за нашата држава, особено имајќи ги предвид определбите што ги имаме како земја што се стреми за полноправно членство во Европската Унија, изјави за МИА министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска по денешната церемонија во Брисел на која македонскиот главен град ја доби оваа престижна титула во конкуренција со црногорскиот град Будва. 

- Сакам да се заблагодарам на тимот на Град Скопје и на градоначалничката што ни даде можност да се вклучиме со заеднички труд и да ја освоиме оваа титула. Честитки пред се до креативниот и уметничкиот тим што покажа дека Скопје и нашата држава имаат со што да се гордеат кога зборуваме за културата, истакна Костадиновска-Стојчевска. 

Одлуката ја соопшти Европската комисија денеска на церемонија во Куќата на европската историја во Брисел, по вчерашната презентација на апликациите на земјите кои беа во потесен избор за оваа престижна титула, каде што свое обраќање имаше и министерката Костадиновска-Стојчевска. 

- Скопје е подготвено да одговори на предизвикот. Всушност, Скопје како да се создавало низ вековите и за овој предизвик. Под европското и македонското знаме ќе ја подигнеме креативната енергија за таа да се рашири и низ целиот континент. Има ли подобро место за тоа од Скопје?, нагласи Костадиновска-Стојчевска 

Таа потенцира дека сите скопјани и сите македонски граѓани, без разлика на нивната етничка, верска, родова, социјална, културолошка и каква било друга определба, се обединети во задоволството нивниот град, нашето Скопје, да ги отвори ширум портите и со својата култура да ја прегрне културата на Европа.

- Од центарот на Европа, директно во срцето на Балканот, рече министерката Костадиновска-Стојчевска. 

Таа нагласи дека експертите од Европа ја препознаа искрената посветеност на Градот и на Владата на Северна Македонија, на стручните тимови, во повеќегодишниот процес на подготовка на апликацијата и заложбите на нашата држава во негувањето на европските вредности додавајќи дека на оваа титула гледаме како на заедничка придобивка преку која со нашите национални културни вредности ја збогатуваме колоритноста на идентитетската карта на Европа и создаваме заеднички културен простор во кој сите се добредојдени. 

- Скопје не е двонасочна улица на која културите се разминуваат. Не е ниту крстосница на која некоја култура има предност. Скопје е точка на средба на култури и нации, на историја и иднина, на културно-историски споменици и локалитети кои ги носат лузните од многубројни катастрофи – земјотреси, поплави, пожари. Но, кога имате моќна културна база и град со големо културно богатство, кога имате стамени жители и многу пријатели, тогаш градот одново и одново се подигнува. Затоа, Скопје треба добро да се запознае. На Скопје не му се суди од првото видување, изјави Костадиновска-Стојчевска. 

Министерката додаде дека во овој капитален проект за секој град и држава од Европа се вложува со години однапред и по завршувањето на годината на манифестацијата, па затоа, Градот Скопје и Владата на оваа презентација ги изложија заедничките ставови за соединување на сите инфраструктурни и кадровски капацитети, како и потребните средства за исполнување на барањата и на европските стандарди за успешна презентација и афирмација на културните, општествените, економските и туристичките вредности на земјава пред светот. 

Според Костадиновска-Стојчевска, оваа македонска победа е пример за применливоста на мотото дека културата не познава поделби. 

- Иако со градоначалничката припаѓаме на две крајно различни, би рекла и спротивставени политички гледишта, погледот кон 2028 ја поттикна нашата далековидост и културата на дијалог. Зашто никој од нас не знае каде и што ќе биде за пет години, но ќе знаеме каде сме биле денеска и дали доволно сме направиле за нашата престолнина и за нашите граѓани. Препознавајќи ја суштината, вредноста, но и тежината на титулата Европска престолнина на културата, Владата, преку Министерството за култура, се обврза на безрезервна поддршка и финансиска и кадровска и инфраструктурна. Сите национални установи и институции на културата ќе бидат во служба на „Скопје 2028“, рече Костадиновска-Стојчевска. 

Таа повика на креативна мобилизација и на независната културна сцена, младите автори, иновативните луѓе од креативните индустрии, невладиниот сектор, туристичките работници, занаетчиите, локалните бизниси.  

- Имаме потенцијал кој, убедена сум, нема да ја пропушти шансата да се покаже во своето најдобро издание. Ова е наша заедничка инвестиција во една незаборавна година, година во која Скопје ќе биде достојна и впечатлива европска престолнина на културата, додаде министерката Костадиновска-Стојчевска. 

Во насока на успешни подготовки за годината кога во Скопје ќе се вкрстат европската и домашната култура, Костадиновска-Стојчевска посочи дека од полза за нас се сите заложби и резултати што како држава и култура ги постигнуваме низ регионалната соработка, иницијативи, програми – од Процесот за соработка на земјите од Југоисточна Европа, преку Берлинскиот процес до регионални иницијативи за Западен Балкан, како и повеќегодишното драгоцено искуство и поддршка преку програмата „Креативна Европа“ и партиципирањето во „Културните патеки на Европа“. 

- Ова е шанса да покажеме зошто нам ни е местото тука во Европската Унија, посочи Костадиновска-Стојчевска. 

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која исто така беше присутна на церемонијата, истакна дека Градот за освојување на оваа титула се претстави под слоганот „Култура над поделбата“ и со својата презентација го освои срцето на Европа. 

- Нашиот тим посветено работеше на Програмата што ја презентиравме и имавме навистина силна поддршка од Министерството за култура и министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска, добивме поддршка од Владата, од претседателот на Македонија, меѓутоа и од голем број наши и странски збратимени градови, со кои активно соработувавме во изминатите две години и кои дадоа поддршка и практично се заложија за нас дека имаме можност, сила и способност да ја реализираме оваа програма во 2028 година, изјави за МИА градоначалничката Арсовска. 

Таа потенцира дека градските власти посветено работеа на културната промоција, претставувајќи ја програмата во различни области, иновативните идеи и концепти со кои Скопје ќе се најде на мапата како Европска престолнина на културата за 2028.  

- Овој избор е престижно признание за сите нас, Скопје е дел од Европа, а Европа во годините кои следат до 2028 година ќе се обедини со Скопје низ призмата на културата и уметноста. Нашата визија која победи денеска ги вклучува младите и креативните индустрии, поврзани со екопрактики како иновација во сите процеси и културни настани кои ќе се одвиваат 365 дена во Скопје, рече Арсовска. 

Таа потенцира дека програмата ќе почне да се имплементира уште во јануари 2024 година и во текот на следните години обединети националните и европските уметници ќе учествуваат на стотици културни настани кои ќе кулминираат во 2028 година.

- Да се биде Европска престолнина на културата  е предизвик за секој град затоа што културата се повеќе зазема важно место во развојот на градовите, а претставува и двигател на урбаниот, социјалниот и економскиот развој, додаде градоначалничката Арсовска. 

Целта на оваа иницијатива на ЕУ е да им овозможи на жителите на Европа да учествуваат активно заедно да разменат искуства за културата, да се создадат нови партнерства и да се нагласи улогата која ја има културата во развојот на градовите. сп/ев/

Фото: МИА

 

Остани поврзан