Скопје домаќин на изложбата „Три, четири, сега! Европа е наша!“
- Во просториите на Europe House во Скопје, денеска ќе биде отворена изложбата на фотографии „Три, четири, сега! Европа е наша!“, која ги претставува највпечатливите дела на млади фотографи од целиот Западен Балкан.
Скопје, 15 јули 2025 (МИА) – Во просториите на Europe House во Скопје, денеска ќе биде отворена изложбата на фотографии „Три, четири, сега! Европа е наша!“, која ги претставува највпечатливите дела на млади фотографи од целиот Западен Балкан.
Изложбата е дел од регионалната кампања на иницијативата WeBalkans, поддржана од Генералниот директорат за проширување и источно соседство на Европската комисија (DG NEAR), и има за цел да ја истакне улогата на спортот како средство за поврзување, инспирација и промоција на европските вредности меѓу младите.
Настанот ќе го отвори Александар Меламед од Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, а публиката ќе има можност да ги слушне и обраќањата на Самра Лучкин, координатор на кампањи од WeBalkans, и Теодора Цветковска, новинар и член на жири-комисијата, која ќе сподели увид во процесот на селекција на победничките фотографии од Северна Македонија.
Дополнително, ќе се обратат и Сара Глоговац и Клое Кузигу, претставнички на Европскиот младински олимписки фестивал и мрежата на волонтери, како и Катарина Маринковиќ, млада европска амбасадорка, која ќе зборува за ентузијазмот на младите за спортот и нивната креативност.
Изложбата претставува кулминација на фото-натпреварот во кој учествуваа речиси 200 фотографии.ар/лв/
Фото:Европска куќа