• петок, 22 ноември 2024

Скок на цената на пченицата на берзите во САД по одлуката на Русија да се повлече од Договорот за извоз на житарки преку Црно Море

Скок на цената на пченицата на берзите во САД по одлуката на Русија да се повлече од Договорот за извоз на житарки преку Црно Море

Вашингтон, 17 јули 2023 (МИА) – Цените на пченицата денеска на берзите експресно пораснаа откако Русија се повлече од учеството во Иницијативата што гарантираше безбеден извоз на житарки преку Црното Море, наведуваат трговците.

На берзата во Чикаго, фјучерсите на пченицата поскапеа за 3,4 отсто на 6,84 долари за бушел.

Цените на пченката, исто така, се зголемија, за два отсто, на 5,16 долари за бушел.

Предизвикувач за ова поскапување е денешната најава на Русија за суспензија на учеството во иницијативата со која се гарантира безбеден извоз на житарки и вештачки ѓубрива од три украински пристаништа на Црното Море, според договорот меѓу Русија, Украина и Турција, постигнат во јули минатата година со посредство на Обединетите нации.

Договорот беше склучен на 120 дена, а во ноември минатата година беше продолжен за уште 120 дена и во март за уште 60 дена. Последниот рок истече денеска, а Русија пред два часа соопшти дека се повлекува од договорот бидејќи не се почитуваат одредбите за нејзиниот извоз.

ОН минатата недела соопштија дека од почетокот на август минатата година до 10 јули годинава, од три украински пристаништа на Црното Море се извезени 32 милиони тони жито во 45 земји на три континенти.

Најголем дел од житото беше извезено во Кина, речиси осум милиони тони. Следат Шпанија и Турција со шест, односно 3,2 милиони тони. Меѓу петте главни увозници беа и Италија и Холандија, со 2,1 и два милиона тони жито.

Пченицата сочинува околу една четвртина од извозот, а пченката половина.

Делумното продолжување на украинскиот извоз го забави растот на светските цени на храната, кои во јуни, според индексот на Агенцијата за храна и земјоделство на ОН, беа за 11,6 отсто пониски во однос на јули минатата година.

Договорот, исто така, гарантираше извоз на вештачки ѓубрива, вклучително и амонијак, за поддршка на сигурно снабдување со храна низ целиот свет.

„Меѓутоа, ѓубрива и амонијак досега не се извезени како дел од иницијативата“, се наведува во соопштението на ОН од 10 јули.

Според податоците на Светската банка, Русија е најголемиот светски извозник на ѓубрива и значаен извозник на жито, но нејзиниот извоз е попречен поради санкциите од Западот. сд/

Остани поврзан