Си повика на зајакнување на меѓународната соработка во борбата против коронавирусот
- Кинескиот претседател Си Џинпинг повика на вложување напори за зајакнување на меѓународната соработка во истражувањето и развојот, но исто така и во производството и дистрибуцијата на вакцини
Пекинг, 20 април 2021 (МИА) – Кинескиот претседател Си Џинпинг повика на вложување напори за зајакнување на меѓународната соработка во истражувањето и развојот, но исто така и во производството и дистрибуцијата на вакцини против коронавирус.
Отворајќи ја пленарната сесија на 20. годишна конференција на Боао Форумот за Азија, Си го повтори ставот на Кина дека треба да се вложат напори за сите во светот да имаат еднаков пристап до вакцините, објави Кинеската медиумска група (ЦМГ).
„Кина ќе ја испочитува својата обврска да ги направи вакцините глобално јавно добро, да продолжи да работи со Светската здравствена организација и други земји во борбата против коронавирусот и да вложи повеќе напори да им помогне на земјите во развој да го поразат вирусот“, рече Си преку видео врска.
Тој додаде дека принципите на еднаквост, взаемно почитување и взаемна доверба мора да бидат на прво место и во центарот на односите меѓу државите.
„Ние мора да се залагаме за мир, развој, правда, демократија и слобода, сите тие се заеднички вредности на човештвото и мора да поттикнеме размена и взаемно учење меѓу цивилизациите за да се промовира напредокот на човечката цивилизација“, рече кинескиот претседател. паг/