• понеделник, 23 декември 2024

Сиља: Србија не може да го дестабилизира Косово

Сиља: Србија не може да го дестабилизира Косово

Приштина, 1 мај 2022 (МИА) – Косовскиот заменик-министер за одбрана, Шемси Сиља вели дека, и покрај различните методи на провокации со кои се служи постојано, Србија не може да го дестабилизира Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во интервју за агенцијата КосоваПрес, Сиља изјави дека „очигледните провокации“ врз косовската погранична полиција во изминатите недели, како и низа други слични дејствија, се „продолжение на плановите на Србија за дестабилизација и за да не дозволи мирна состојба“.

- Српската политика користи различни методи на инсценирање на случаи со кои настојува да предизвика напната ситуација... Меѓутоа, нема никаква можност Србија да го дестабилизира Косово и залудни ѝ се дејствијата кои ги презема. Тие само го покажуваат егото со кое Србија и натаму сонува нешто што е веќе надминато. Сепак, ние треба да бидеме будни и подготвени и во тој правец постојано работиме, изјави Сиља.

Според него, Белград го избегнува дијалогот со Приштина, затоа што не е подготвен да се соочи со актуелната косовска Влада, која „има јасни цели и намери“. Поради тоа, вели заменикот-министер за одбрана на Косово, Србија ги избегнува средбите и „се занимава со подготвување конфликти, сé со цел да го избегне и дијалогот“.

Сиља вели дека моментно се работи на подигнување на капацитетите на Безбедносните сили на Косово, со цел што поскоро да се дојде до зачленување во НАТО. За тоа, изјави Сиља за КосоваПрес, постои поддршка, „не само вербална, туку и од државни инстанци и од институционален аспект“, од повеќе држави кои се партнери на Косово.

Остани поврзан