• среда, 26 јуни 2024

Сиљановска Давкова: ФЕИТ има сериозен придонес во осовременувањето на наставно-образовниот процес и во создавањето технолошки лидери

Сиљановска Давкова:  ФЕИТ има сериозен придонес во осовременувањето на наставно-образовниот процес и во создавањето технолошки лидери

Скопје, 18 јуни 2024 (МИА) - ФЕИТ со севкупната работа, проекти, истражувања, иновации и следењето на глобалните образовни и научни текови, неспорно е дека е успешен и релевантен пример на добри образовни и научни практики. За мене ФЕИТ е пионер во создавањето профили на кадри соодветни на новите потреби на третиот милениум. ФЕИТ е конкурентен на меѓународниот образовен и научен пазар со намјногу објавени трудови со импакт фактор. ФЕИТ е родно место на информатиката, на техничките системи, на фотоволтаиците, соопшти вечерва претседателката Гордана Сиљановска Давкова на Свечената академија по повод 65 години од формирањето на Факултетот за електротхеника и информациски технологии (ФЕИТ).

Нагласи дека овој факултет е еден од најпрестижните во рамки на најстариот македонски универзитет „Св. Кирил и Методиј“- Скопје.

- ФЕИТ може да се пофали со меѓународна акредитација на студиските програми од страна на АСИИН, германскиот Институт за евалуација. Алумни на ФЕИТ се професори на престижни светски универзитети.  Поранешни студенти на ФЕИТ се познати менаџери во најдобрите компании.  Бившиот премиер, Бранко Црвенковски е алумни на ФЕИТ. И идниот премиер Христијан Мицковски е професор на ФЕИТ. Од ФЕИТ се и академиците: Леонид Грчев, Љупчо Коцарев, кој премина потоа на ФИНКИ  и Зоран Хаџи Велков. ФЕИТ бил експертска и инженерска база за изградба на македонската електро – енергетска инфраструктура, како и за телекомуникациската структура, изјави претседателката Сиљановска Давкова. 

ФЕИТ, како што рече, со своите 10 институти и 18 лаборатории во кои постојано се вложуваат средства има лидерска улога во учеството во меѓународни проекти како што се  Хорајзон, Еразмус и  многу други. Манифестациите „Инженерски прстен“ и Мајлстоун програмата, исто така, даваат огромен придонес за развојот на инженерството и претставуваат мотивација за сегашните студенти, идни инженери. 

Според неа, ФЕИТ заедницата го негува и спортот, зајакнувајќи ги телото и духот преку хајкингот, велосипедизмот, трчањето. 

- Интерната евалуација покажува хуман однос меѓу професорите и студентите на ФЕИТ, што прави од факултетот пристојно место за образовен живот и фер натпревар. Честитки за резултатите коишто ги постигнавте, резултати коишто ги преминуваат нашите национални граници, резултати коишто меѓународната академска јавност ги препознава и вреднува, рече Сиљановска Давкова.

Таа потенцира дека и во време на економска криза, македонската ИТ индустрија бележеше и бележи континуиран раст. - Оправдано, ФЕИТ денес е еден од најпопуларните факултети кај младата популација. Но, ако се стремиме кон успешна дигитална иднина, не смееме да заборавиме на нашиот најголем предизвик: мораме да ја задржиме тука, дома младата, дигитална генерација, рече Сиљановска Давкова.

Претседателката нагласи дека ФЕИТ, како членка на УКИМ, има сериозен придонес во осовременувањето на наставно - образовниот процес, во создавањето на технолошки лидери и во јакнењето на врските со македонското стопанство.

- Посакувам вашето европско досие да биде инспирација за сите идни студенти и инженери во градењето на модерниот технолошки свет. Посакувам Одборот за евалуација да го следи примерот на ФЕИТ. Посакувам меѓународна евалуција на сите македонски високообразовни институции. Посакувам блиска соработка меѓу ФЕИТ и ФИНКИ, ФЕИТ и Машинскиот факултет и ФЕИТ и факултетите ширум светот, рече Сиљановска Давкова, честитајќи им го јубилејот на професорите и студентите. 

Продолжете, како што рече, да бидете двигатели на позитивните промени и менувачи на образовниот и научниот натпревар.  - ФЕИТ едноставно е ФЕИТ на извонредност, потенцира Сиљановска Давкова.

На свечената академија се обратија ректорката на УКИМ Биљана Ангелова и деканот на ФЕИТ проф. д-р Владимир Атанасовски. По свечената академија беа промовирани магистри и дипломирани инженери за 2024 година. мд/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан