• петок, 22 ноември 2024

Сиљановска Давкова - Пирц Мусар: Процесот на европската интеграција не смее да биде заложник на билатералните прашања

Сиљановска Давкова - Пирц Мусар: Процесот на европската интеграција не смее да биде заложник на билатералните прашања

Скопје, 8 октомври 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска остварила средба со претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар во Тиват, Црна Гора каде учествуваат на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони.

Како што соопшти претседателкиот Кабинет, двете соговорнички размениле мислења и информации за нашата иднина во контекст на процесот на пристапување во Европската Унија, при што претседателката Сиљановска Давкова упатила искрена благодарност за силната и отворена словенечка поддршка за македонската европската интеграција и истакна дека процесот не смее да биде заложник на билатералните прашања.

Истакнувајќи дека Европската Унија врши притисок врз земјите-членки кога тоа е потребно во многу други случаи, претседателката Сиљановска Давкова порачала дека во нашата ситуација неопходни се лидери и земји кои ја разбираат нашата позиција, кои ќе помогнат да се осигураме дека нашиот глас јасно ќе се слушне во наредниот период. Претседателката нагласила дека е време да се потенцираат критериумите од Копенхаген во процесот на интеграција во Европската унија и да се потврди јасната посветеност на регионот.

На средбата било изразено задоволство од одличните пријателски односи и соработката меѓу двете земји, кои се карактеризираат со заемна поддршка и почит и беа нагласени заложби за проширување на соработката и зајакнување на меѓусебната доверба, разбирањето и партнерството.

Во контекст на соработката на меѓународен план, претседателките Сиљановска Давкова и Пирц Мусар констатирале дека двете земји се усогласени со целите за зајакнување на мултилатерализмот и промовирање на мирот и одржливиот развој, а била истакната и долгогодишната соработка во рамките на Обединетите нации. дма/са/

Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова

Остани поврзан