• вторник, 17 септември 2024

Сиљановска Давкова и Јаневска се сретнаа со учениците кои година освоија награди и признанија на престижни меѓународни натпревари

Сиљановска Давкова и Јаневска се сретнаа со учениците кои година освоија награди и признанија на престижни меѓународни натпревари

Скопје, 16 септември 2024 (МИА) – На средба со македонските ученици кои годинава освоија награди и признанија на престижни меѓународни натпревари, претседателката Гордана Сиљановска Давкова и министерката за образование и наука  Весна Јаневска, посочиле дека државата ќе обезбеди поголема финансиска поддршка за талентираните ученици за нивно учество на меѓународни научни олимпијади.

Како што стои во соопштението на Министерството за образование и наука, Јаневска им порачала на учениците дека тие се најголемите македонски амбасадори и промотори на квалитетното знаење кое може да се стекне на ова поднебје и изразила жалење  што досега институциите на системот не успеале да најдат начини и да обезбедат можности за повеќе да ги поддржат учениците.

– Ве уверувам дека ова раководство во Министерството за образование и наука и воопшто на Владата, заедно со претседателката Сиљановска Давкова, ќе обезбедат повеќе и подобри можности за вас и за реализација на вашиот потенцијал тука, во Македонија. Работиме на нови законски измени за да имаме правен основ за поголема поддршка и повеќе пари, изјавила Јаневска.

Во соопштението се наведува дека претседателката Сиљановска Давкова упатила честитки за постигнатите резултати и посочила на потребата за изнаоѓање на трајно системско решение за соодветна поддршка на најуспешните и најталентираните ученици и нивните учества на меѓународни натпреварувања. 

– Нема поголема обврска за оваа држава, и тоа постојано го повторувам, вистинските луѓе, најдобрите, да добијат највисока и најдобра поддршка, и гаранција која сум ја видела по светот, кога во гимназиските денови или на факултет се бомбардираа учениците и нивните ментори со понуди за интервјуа, за разговори, и од сите министерства им нудат ангажман, работно место, алумни систем, во постојан контакт сте. Мислам дека дојде времето и ние не смееме да си заминеме од нашите функции без да решиме или да ставиме еден камен во тој мозаик кој што ќе треба да ги реши проблемите на сите вас, изјавила Сиљановска Давкова.

Годинава, како што соопшти МОН,  50тина македонски ученици учествуваа на врвни светски ученички натпреварувања, освојувајќи вкупно 16 медали - четири златни, две сребрени и 10 бронзени.  ра/дма/

Фото: МОН

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан