• среда, 02 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Сиљановска-Давкова: Осумте децении работа на НУУБ ,,Св. Климент Охридски - Битола се долго духовно патување, посветен труд за зачувување и збогатување на библиотечниот фонд

Сиљановска-Давкова: Осумте децении работа на НУУБ ,,Св. Климент Охридски - Битола се долго духовно патување, посветен труд за зачувување и збогатување на библиотечниот фонд

Скопје, 29 март 2025 (МИА) - Осумте децении работа на Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола се долго духовно патување, посветен труд за зачувување и збогатување на библиотечниот фонд, истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во обраќањето на свеченоста по повод одбележувањето на 80-годишниот јубилеј на оваа Национална установа.

Претседателката ја истакна длабоката духовна и културна вредност на библиотеката, опишувајќи ја како „тврдина на идентитетот“ и „космос на знаење“.

Осврнувајќи се на улогата на библиотекарите, Сиљановска-Давкова ги нарече „храбри чувари на пишаниот збор“ кои се бореле против заборавот, цензурата и варварството низ историјата.

Таа нагласи дека и покрај напредокот на технологијата и дигиталниот свет, книгата останува темел на мислата и културното издигнување.

Претседателката, како библиофилка, сподели лична и емотивна приказна поврзана со признанието што ѝ беше врачено вчеравечер – момент што ѝ ги разбуди спомените на првата награда добиена уште во детството, токму за „најверна читателка“, признание коешто ја прејудицирало нејзината трајна сродност со книгите.

Во своето излагање таа оддаде почит и на делото на Горан Стефановски, потенцирајќи ја неговата способност да го опише духот на времето и да ги отвори вратите кон суштинските прашања на современото општество.

-Вљубена сум во книгите, во прашање е доживотна фатална врска меѓу мене и книгите, рече претседателката, испраќајќи силна порака за љубовта кон читањето.

На крајот, Сиљановска-Давкова го честиташе јубилејот, изразувајќи уверување дека библиотеката ќе продолжи да биде светилник на знаењето, дом на книгата и место каде што се гради иднината преку мудроста од минатото. дма/сст/

Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова 
 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан